„Трите билборди“ победници на Бафта наградите кои испратија порака против сексуалното вознемирување

„Три билборди пред Ебинг, Мисури“, мрачната комедија за неправдата во малечко американско гратче, победи во сите најзначајни категории на овогодишните Бафта награди на Британската академија за филмска и телевизиска уметност.

Филмот победи во пет категории, меѓу нив и најдобар филм, најдобар британски филм, најдобро оригинално сценарио, најдобра женска улога и најдобра машка споредна улога.

Церемонијата помина со фокус на „Time’s Up“ движењето, против сексуалното вознемирување кое имаше огромно влијание врз филмската индустрија изминатава година. Скоро сите жени на настанот носеа црна облека, додека одредени актери со себе поведоа феминистички активистки наместо своите партнери или родители.

„Она на што сум најмногу горд, осовено во оваа година одбележана од „Time’s Up“, е дека ова е филм за жена која повеќе не сака да трпи никакви срања“, изјави режисерот на „Трите билборди“ Мартин Мек Донаг во говорот по добиената награда.

Гери Олдман очекувано победи во категоријата најдобар актер, за неговото точно портретирање на Винстон Черчил во „Најтемниот Час“, за кој секојдневно имал по четири часа шминкање.

„Обликот на водата“, на Гиљермо дел Торо, иако имаше најмногу номинации, 12, победи во само три категории – најдобра режија, музика и продукциски дизајн.

Во останатите категории, Алисон Џени ја освои наградата за најдобра споредна женска улога за филмот „Јас, Тоња“, а „Викај ме со твоето име“ ја освои наградата во категоријата адаптирано сценарио. „Блејд Ранер 2049“ ја победи конкуренцијата во специјалните ефекти и кинематографија, а „Данкирк“ освои Бафта во категоријата најдобар звук. За најдобар документарец беше прогласен „Не сум твој црнец“, а „Коко“ на Дизни, за најдобар анимиран филм.