Трибина на тема „Жените во македонскиот филм“ во кино „Фросина“

Трибина на темата „Жената во македонскиот филм“ и дискусија за улогата и вклученоста на актерките во македонската кинематографија, ќе се одржи во склоп на „Златна рамка 2020“. По иницијатива на Друштвото на филмски работници во Македонија, оваа година за првпат се одржува настан кој претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови за 2019 година.

Освен проекции на македонски филмови, во склоп на „Златна рамка“, во недела со почеток од 11 и 30 часот во кино Фросина, ќе се одржи трибина на која ќе се разговара за женските улоги во минатото и денешната македонска кинематографија, застапеноста на продуцентките во филмската индустрија и генералната женска вклученост.

На овие теми ќе дискутираат актерките Наталија Теодосиева и Кристина Леловац, костимографката Емилија И. Атанасовска, режисерот Даријан Пејовски и актерот Перо Арсовски. Модератор на трибината ќе биде филмскиот критичар Влатко Галевски.