Три нови смртни случаи од Ковид-19, заразени 15 лица

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска починаа тројца пациенти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Се работи за пациент од Кочани на 40-годишна возраст кој е хоспитализиран на 29 март,  за кој не е познати дека и претходно имал други заболувања, како и двајца пациенти од Тетово, едниот на возраст од 69 години кој имал тумор на мозокот и пациент на 65-годишна возраст, без други заболувања.

Во изминатите 24 часа пак, регистрирани се 15 нови случаи на пациенти дијагностицирани со коронавирус, односно по градови, осум случаи има во Куманово, четири во Скопје, и по еден случај во Тетово, Струга и Штип. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти се искачи на 570 лица.

До утрово на Инфективната клиника се примени десет нови пациенти, а таму моментално се хоспитализирани 70 пациенти. Од нив осум пациенти се на механичка вентилација, а вкупно десет се со потешка клиничка слика, другите пациенти се со среднотешка клиничка слика.

„Од Клиниката денеска заминуваат четири оздравени пациенти, нивните два контролни теста на коронавирусот се негативни. Од Дебар стигнати се резултатите на тројца лица, после два контролни теста истите се негативни и тие се практично оздравени, инаку се наоѓаа на домашно лекување во координација со локалната болница и доктори кои што правеа визита во нивните домови“, соопшти Филипче.

Во болницата во Битола пак, сега е хоспитализиран еден пациент, соопшти министерот, но во тек е трансфер на сите пациенти кои претходно беа хоспитализирани во болницата во Охрид

„После вчерашниот договор болницата во Битола да биде регионален центар, практично сите пациенти кои досега се лекуваа во Охрид, сега се трансферираат во Битола и се пациенти од околината на Струга“, рече Филипче.

Четири пациенти вчера се примени во болницата „8-ми Септември“ за кои се чекаат резултатите во текот на денешниот ден, а двајца пациенти се на респираторна машина.

Владата на денешната седница донесе дополнителни ограничувања на движењето за граѓаните на територијата на целата држава, односно за време на работните денови и викендите, кои почнуваат да важат од среда, 8 април, од 16 часот.

Со одлуката, се забранува движењето за сите граѓани секој работен ден од понеделник до петок од 16 до 5 часот наредниот ден. Дополнително за време на викендот пак, се забранува движењето од петок во 16 до 5 часот во понеделник.

Докторот Владимир Микиќ од Инстутот за јавно здравје, во однос на овие мерки нагласи дека тие се неопходни.

„Во овој период немаме друг начин, немаме специфичен лек, не постои вакцина, и не постои друга мерка кој што може да го спречи понатамошното или да го ублажи понатамошното ширење на епидемијата. Можеби некои ќе дискутираат дека бројките не се толку големи, меѓутоа ве уверувам дека ако не се преземаат вакви мерки, ќе не очекуваат многу повисоки мерки кои што можат значително да го оптоварат нашиот здравствен систем“, рече Микиќ.

 

Нов полициски час – Забрането движење по 16 часот, нови ограничувања за младите и лицата над 67 години