Трет смртен случај од коронавирус, регистрирани нови 29 заболени

Денеска е регистриран третиот смртен случај од коронавирусот во државава. Се работи за 66-годишна пациентка од Дебар која подолго време беше на респираторна машина, а која примала хронична терапија за хипертензија, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во изминативе 24 часа, пак, во државава се регистрирани 29 нови случаи на коронавирус, од кои 20 во Скопје, три во Куманово и Велес, два во Прилеп и еден случај во Дебар. Со ова, бројката на заразени се искачи на 177 дијагностицирани пациенти.

Од новите 29 случаи кои се дијагностицирани денес, пет лица се од Клиниката за кожни болести, на кои им е земен материјал по 16 дена поминати во изолација.

„Со оглед на тоа што беше поминат инкубациониот период, тие имаат позитивен резултат. Тоа се колеги и тие се во добра општа состојба. Практично се асимптоматски, чекаат во домашна изолација да помине периодот од 14 дена. Ќе продолжат да бидат во домашна самоизолација согласно нивната состојба во интензивна комуникација со колегите од Инфективната клиника“, рече Филипче.

Во оваа група на пациенти има повеќе лица, а од нив денеска биле направени 30 тестирања. Следниве денови, пак, ќе продолжат да се тестираат сите, поделени во групи, а тестирањето за нив ќе заврши во следните 4-5 денови, додаде Филипче.

Во меѓувреме, на Инфективната клиника во Скопје се направени контролни тестови на четири пациенти кои веќе подолго време се лекуваат таму.

„Тие контролни тестови, земени пред два дена се негативни. Од тие четворица, тројца се во значајно добра состојба, и кај сите четворица ќе биде земен уште еден контролен тест согласно протоколот, во текот на следниот ден.  Доколку и тој тест е негативен, тројцата пациенти ќе бидат спремни да се упатат на домашно лекување. Морам да напоменам дека нивната состојба во изминатиот период постепено се подобруваше и согласно сегашниот наод на белите дробови, согласно клиничкиот статус и согласно тестовите, исклучително се мали шансите во оваа фаза на лекувањето да дојде до некаква компликација или влошување“, објасни Филипче.

Филипче најави дека во следните неколку денови ќе се објави детална статистика за тоа што досега се случува со бројот на пациенти, за како што кажа, јасно да се прикажат дијаграмите околу тоа како се однесуваат бројките.

Владата на РСМ денеска донесе одлука за дополнителна рестрикција за движењето на населението за време на викендите. Со ваквата одлука, се забранува движењето на сите граѓани за време на викендите од 16 до 5 часот, а во меѓувреме остануваат на сила и сите други претходно донесени забрани.