Трамп го укина правилникот од Обама за трансродови тоалети во училиштата

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера го укина историски значајниот правилник за јавните училишта кој овозможуваше трансродовите ученици да користат тоалет по сопствен избор. Оваа иницијатива беше некој вид на заштитен знак на демократскиот претседател Барак Обама.

Укинувањето на правилникот дополнително ги разгорува страстите во американскиот конфликт помеѓу следбениците на традиционалните вредности и социјалните прогресивци. Околу 200 граѓани се собраа пред Белата куќа во протест против постапката на Трамп, веејќи знамиња во боите на виножитото и извикувајќи: „Нема омраза, нема страв, транс учениците се добредојдени овде“.

„Знаеме дека Доналд Трамп е силеџија, но неговиот напад врз трансродовите деца денеска е ново дно кое го допре“, изјавила Рејчел Тивен, главен правник од Ламбда Легал која заштитува ЛГБТ граѓани.

Обама, минатиот мај, даде насоки до јавните училишта да дозволат трансродовите ученици да ги користат тоалетите кои се совпаѓаат со нивниот избран полов идентитет, со закана дека ќе се спречи финансирањето на училиштата кои нема да се согласат на ваквата политика, пишува Ројтерс. Трансродовите лица го пофалија ваквиот чекор како победа за нивните граѓански права.

Републиканецот Трамп го поништи овој правилник, иако тој е запрен од примена од федерален судија, поради спор дека државите и јавните училишта треба да имаат овластувања да носат самостојни одлуки без мешање од федералната власт.

Конзервативците, како јавниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, кој ја покрена тужбата за спорот на правилникот на Обама, ја пофали одлуката на администрацијата на Трамп.

„Нашата борба за директивите за тоалетите секогаш беше поради намерата на поранешниот претседател Обама да го заобиколи Конгресот и да ги промени законите за тие да одговараат на неговата политичка агенда за радикална социјална промена“, изјавил Пакстон.