Тетовци бараат локалната власт да ги реши проблемите во општината

„Тетово – еден град за ситеПретставниците на младинскиот медиа арт клуб од Тетово, во рамките на кампањата „Тетово – еден град за сите“, на 18 октомври 2013 година, официјално и ги доставија на локалната власт во Тетово, барањата и предлозите на тетовци за решавање на најгорливите проблеми во општината, изнесени на дебатата по повод промоцијата на младинскиот документарен филм „ДО КОГА?“.

Присутните граѓани предложија решенија за подобрување на проблемите опфатени со документарниот филм: водоснабдувањето, кучињата скитници, паркинг просторот, сообраќајниот метеж и нечистотијата во градот.  Тие бараат во најкус можен рок да се реши проблемот со градежниот шут кој се фрла во реката Пена и на тој начин не само што се загадуваат водите, туку и, се стеснува  коритото што може да предизвика поплави во градот. Исто така, тетовци бараат подземни контејнери, соодветни мерки за згрижување на големиот број кучиња скитници (да се обезбеди редовна здравствена контрола на кучињата и секако да се отворат прифатилишта за нив), повеќе простор за паркирање, подземни или катни гаражи, повеќе зелени површини и подигнување на свеста за потребата од поголема заедничка грижа за чистотата и редот во градот.

Едновремено, граѓаните сметаат дека општината треба да го направи процесот на донесување на новиот буџет потранспарентен, со тоа што ќе организира средби со граѓаните и директно ќе ги вклучи во планирањето на буџет за 2014 година.

Младинската локална кампања „Тетово – еден град за сите“ е дел од проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), а го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум, на национално ниво.