Тетовските гимназијалци го прашуваа евроамбасадорот Жбогар за поделеното училиште, аерозагадувањето и криптовалутите

Дали интеграцијата во Европската Унија ќе го подобри македонското образование, ќе има ли построги закони за загадувањето и корупцијата, но и прашања за тоа дали земјава ќе воведе евро и дали ќе има регулација на пиратеријата и криптовалутите. Ова беа дел од темите кои ги интересираа тетовските средношколци при дискусијата со евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој вчера ја посети гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

Средношколците се пожалија на лошите услови во училиштето и го информираа амбасадорот за проблемот дека гимназијалците Албанци и Македонци со години наназад учат во различни згради во Тетово.

„Знам дека се среќавате при заеднички спортски настани, па барем имате одредена интеракција. Сегрегацијата е проблем и луѓето од овде ме информираат за тоа. Додека во минатото сте учеле во исти одделенија, сега сте раздвоени и колку повеќе сте разделени, толку помалку се разбирате меѓусебно бидејќи сите се плашат од непознатото. Веројатно, како ЕУ, треба да правиме повеќе напори и да обрнеме повеќе внимание на ова прашање. Не бев свесен дека учениците се раздвоени во различни објекти. Веднаш по оваа средба ќе се сретнам и со градоначалничката и ќе го дискутирам ова со неа“, одговори Жбогар.

Средношколците потенцираа дека надлежните не прават многу за решавање на енормното загадување на градот, како еден од главните проблеми на жителите на Тетово и ги интересираше дали при процесот на интеграција во ЕУ, од земјава ќе се бараат построги критериуми во поглед на аерозагадувањето. Во својот одговор Жбогар посочи дека поглавјето за животна средина ќе биде едно од клучните при македонскиот интегративен процес поради обемната регулација и најави дека во следниот период, како ЕУ мисија во земјава ќе спроведат кампања за подигање на еколошката свест кај граѓаните.

„Земјата станува членка на ЕУ преку процесот на преговори кој трае неколку години. Државата не добива таен клуч со кој сè се менува, туку промените се случуваат низ овој процес. Се работи за стандарди и закони кои се прилагодуваат на ЕУ пред вашето членство, што треба да обезбеди дека, кога веќе ќе бидете пред влезот на ЕУ, вашите стандардите ќе бидат на ниво на земјите членки Унијата“, изјави Жбогар.

Тетовските гимназијалци со евроамбасадорот Жбогар дискутираа и за тоа како ќе се задржат граѓаните во земјава по евентуално членство во ЕУ и дали во иднина ќе се отворат атрактивни работни места за младите. Се коментираа и теми како владеењето на правото, претстојните избори за Европскиот Парламент, а меѓу дискусијата за придобивките од членство во ЕУ, средношколците прашаа и што ЕУ добива од проширувањето со земји како Македонија.

„Претходните проширувања покажуваат дека земјите членки на ЕУ имаат економски придобивки од проширување со нови членки. Дополнително, наш интерес е овој регион на Западен Балкан да биде дел од ЕУ, со исти вредности и стандарди, што претставува сигурност дека од регионот нема да дојдат проблеми. Европската Унија е посилна кога е поголема. Колку повеќе жители живеат во ЕУ, толку и нејзиниот глас е посилен“, рече Жбогар.

Вакви дискусии се предвидени со средношколци од повеќе македонски градови, на кои младите ќе ги споделуваат своите ставови и прашања и ќе добијат повеќе информации за начинот на кој функционира ЕУ.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување, финансиран од Европската Унија.

Даниел Евросимоски