Танц Фест 2018 почнува на 4-ти април, главната награда за францускиот уметник Дидије Дешан

Со танцовата претстава „Орландина“, на 4-ти април, во Македонскиот народен театар во Скопје, свечено ќе биде отворен Танц Фест 2018. Организаторите на фестивалот најавуваат програма со исклучителни уметници и компании од Франција, Швајцарија, Словенија, Австрија, Латвија, Литванија, Чешка, Полска, Унгарија Словачка и Македонија.

Советот на Танц Фест одлучи наградата „Менада“, за врвни достигнувања во областа на танцот, да ја додели на францускиот уметник, танчер и кореограф Дидије Дешанзаради нeговата исклучитлена посветеност на развојот на современиот танц и негово поставување на повисоко уметничко рамниште.

На отворањето покрај кореографијата „Орландина“ – соло танцова претстава посветена на најдобрата современа танчерка во Словенија, Росана Хрибар и Танцовиот театар од Љубљана во кореографија на Рисима Рисимкин, ќе биде прикажана и короеграфија на младата кореографка Адријана Данчевска со Скопје танцовиот театар, под наслов „Д.О.Л:“, на оригинална музика на Александар Гроздановски, со која ќе биде прославен седмиот роденден на единствената современа танцова компанија во Македонија.

Во рамките на програмата ќе имаме уште една премиера на Скопје танцовиот театар „Егзистирање“ на 11 април во МКЦ. Премиерите на Скопје тaнцовиот театар ќе бидат прикажани на сцената на Народниот театар во Велес, на 16 и 17 Април.

Програмата продолжува со делот посветен на децата, т.е. на 13 април во Македонскиот народен театар во 18ч., за прв пат во рамките на програмата на Танц Фест ќе биде прикажана современа танцова претстава за деца и родители, претставата  „Зик Зак Пуф!“ на швајцарската танцова компанија за деца Мафалда од Цирих.

Детскиот блок продолжува на 14 април, кога во Домот на култура во Штип ќе се одржи таканареченото „Детско гала“ на кое покрај танцови студија од Македонија, ќе настапат деца од Холандија и за прв пат, деца од Кина.

Од 18 до 22 април, во рамките на Танц Фест, а во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, ќе се одржи програмата насловена „Share“ на која ќе учествуваат девет европски академии и танцови универзитети од Австрија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и македонија. Преку сто млади уемтници ќе гостуваат и ќе се дружат во Скопје и Штип, каде на сцената на Домот за култура ќе има три вечери со девет танцови претстави.

Програмата ќе се затвори со гостувањето на француската компанија „Покемон“ и извонредната претстава „Silance… on tourne!“ на 23 април во Mакедонскиот народен театар во 20ч.