Тајланд забрани пушење цигари на плажа, прекршителите на законот може да завршат во затвор

Властите на Тајланд издадоа забрана за пушење и фрлање ѓубре на 24 туристички плажи, со цел да тргнат чекор напред против загадувањето на животната средина.

Законот, предложен од Министерството за животна средина, стапил на сила на 1 февруари годинава.

„Забрането е пушење и фрлање на отпад по плажите. Секој кој ќе сака да пуши, ќе може да го стори тоа во деловите предвидени за пушачи, не на плажите“, посочи Бенарук Сермтонг од локалната Канцеларија за управување со морските и крајбрежни ресурси.

Забраната следува откако на 2,5 километри плажа биле најдени дури 138.000 отпушоци. Отпушоците биле третина од ѓубрето собрано од плажите.

За пушачите има предвидено посебни делови со канти, а кој ќе биде фатен како го прекршува законот може да добие казна затвор до една година, парична казна од 2.500 евра или и двете.