СЗО: Медицинскиот канабис не предизвикува зависност и не е токсичен

Светската здравствена организација во своето последно соопштение вели дека главната состојка во медицинскиот канабис не предизвикува зависност и не е токсична. Научниците со месеци го проучувале канабидиолот, состојка на марихуаната која не е психоактивна и често се користи во медицински цели, а најчесто доаѓа во облик на масло или капсула.

Од СЗО соопштуваат дека состојката која содржи до 40 отсто екстракт од марихуана не е токсична и не предизвикува зависност.

Стручниот одбор за зависност од дроги заклучил дека нема докази дека состојката канабидиол предизвикува проблеми со здравјето.

Покрај тоа, откриле дека канабидиолот може да биде добар за лечење на епилепсија и бројни други медицински состојби.

Кога станува збор за набавка и легализација, од СЗО препорачуваат нов пристап. Сепак, научниците истакнуваат дека извештајот не значи дека тие препорачуваат употреба на канабидиол.

Оттаму велат дека за канабидиол не треба контрола или регулација на меѓународно ниво, туку треба да се дозволи секоја држава тоа да го решава посебно.

Според нив, неговото производство и употреба во одредени цели, како што се лечење и истражување, не би требало да биде забрането, бидејќи немаат докази околу евентуалните штетни ефекти на канабидиолот.