Светската здравствена организација предупреди дека недостигаат пари за борбата против пандемијата

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека постои голем јаз помеѓу средствата потребни за борба против пандемијата на коронавирусот и средствата наменети за таа цел во светот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот се заразени со Ковид-19, а повеќе од 700.000 починале. Болеста е потврдена во повеќе од 210 земји и територии, откако за прв пат беше идентификувана во Кина во декември 2019 година.

„Само за вакцини ќе бидат потребни повеќе од 100 милијарди американски долари“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус.

Говорејќи за меѓународната иницијатива за обезбедување подобар пристап до здравствена заштита, Тедрос потенцирал дека следните три недели се клучни и истакна дека е потребно да се зголеми финансирањето.

Освен со недостаток на финансии за борба против Ковид-19, СЗО се соочува и со политички притисоци. Германија и Франција во петокот ги напуштија преговорите за реформи во СЗО, фрустрирани од обидите на САД да ги водат разговорите и покрај тоа што одлучија да ја напуштат организацијата, соопштија официјални лица.

Во јули, САД ја извести СЗО дека ќе ја напуштат организацијата за една година откако Трамп ги обвини дека се премногу блиски со Кина и дека лошо се справуваат со пандемијата. СЗО ги негираше сите обвиненија.

Европските влади исто така ја критикуваат СЗО, но не одат толку далеку како Вашингтон.

„Никој не сака да се вовлече во реформскиот процес и да добие нацрт за тоа од земја која штотуку ја напушти СЗО“, изјави висок европски претставник кој е вклучен во преговорите.