Светска шампионка во шах одби да ја брани титулата во Саудиска Арабија поради кршењето на човековите права

Украинската шахистка Ана Музичук, која е актуелна двојна светска шампионка, соопшти дека нема да учествува на првенството кое се одржува во Саудиска Арабија поради тоа што кралството ги третира жените како „суштества од втор ред“.

27 годишната Музичук ги бранеше светските титули во две категории на брзопотезен шах, освоени лани на првенството во Доха, Катар. Покрај неа на првенството нема да учествува и нејзината сестра Марија, која исто така е професионална шахистка.

Ана Музичук со медалите од двете светски титули ФОТО: Гети

Во објаснувањето кое Ана го сподели на Фејсбук, таа вели дека нивното одбивање да учествуваат на светското првенство е поради тоа што кралството не ги третира жените еднакво и дека се работи за земја во која таа и нејзината сестра нема да можат да излезат надвор доколку не се во придружба на маж.

„Ќе ги изгубам двете титули светски шампион само поради тоа што одлучив да не одам во Саудиска Арабија. Да не играм по нечии правила, да не носам абаја, да не бидам придружувана кога ќе одлучам да излезам надвор, најпосле да не се чувствувам како суштество од втор ред“, напиша Музичук на Фејсбук.

„Точно пред една година ги освоив овие две титули и бев најсреќната личност во шаховскиот свет, но овој пат се чувствувам лошо. Спремна сум да застанам во одбрана на моите принципи и да го прескокнам ова првенство, каде во пет дена според очекувањата требаше да заработам повеќе од тоа што го заработувам на десетици турнири заедно“, посочи таа.

Саудиска Арабија во организирањето на првенството најави дека наградниот фонд за учесниците ќе биде многукратно повисок од она што шахистите вообичаено го добиваат по турнирите.

Светската шаховска федерација ФИДЕ го посочи како успех издејствувањето од властите да ги олабават традиционалните барања за носење абаја (муслимански фустан кој го покрива целото тело), со „историски“ кодекс на облекување: бели блузи кои го покриваат вратот.

Самиот факт дека државата организира светско шаховско првенство е контроверзен и во самото кралство, бидејќи пред две години највисоките религиозни лица на Саудиска Арабија прогласија забрана за шахот поради тоа што тој води кон „губење време и може да води до ривалство помеѓу играчите“.

Освен откажувањето на дел од играчите, во одржувањето на светскиот шаховски турнир се појавиле и политички проблеми. Дел од државите кои се сметаат за гео-политички ривали на кралството се пожалиле дека не им било дозволен влез во Саудиска Арабија. За неиздавање визи се пожалиле шахисти од Израел, Катар и Иран.