Супермаркети во Австралија воведоа „тивок час“ за аутистичните лица

Супермаркетите често се едни од најраздвижените места, што значи дека може да биде голем проблем за луѓето со аутизам и за оние кои се грижат за нив.

За да го олеснат ова искуство, здружението Аспект и синџирот на супермаркети „Колс“ се здружија заедно за пилот програма со која се воведува „тивок час“ во продавниците.

Во тоа време, радиото во продавниците ќе биде стишено, а светлата ќе бидат намалени за 50 проценти. Количките за пренесување роба ќе бидат извадени од продавниците, а разгласите ќе се избегнуваат, освен при вонредни ситуации.

Оваа пракса пробно започна да се проведува во вторникот, помеѓу 10:30 и 11:30 часот наутро, во супермаркетите на продавниците „Рингвуд“ и „Болвин Ист“ во Викторија. Ќе трае до крајот на октомври.

Овој потег доаѓа по студијата спроведена од страна на организацијата за потрошувачки навики со фокус на луѓето со аутизам и нивните семејства.

„Ние инвестиравме во обука на членовите на тимот за да го зголемат нивното разбирање за сензорните преоптоварувања и како најдобро да одговорат на потребите на клиентите”, рече Линзи Којл од здружението Аспект.

„Иако ги сменивме дел од физичките и сензорните стимулатори во продавниците, ние се надеваме дека ќе постигнеме и простор за разбирање на овие луѓе и нивните семејства, каде што клиентите ќе се чувствуваат удобно и добредојдени.”

Досега иницијативата доби позитивни критики од голем број граѓани.