Студентки од ФИНКИ ја изработија платформата „MAP the GAP“ на која младите и институциите заеднички ќе ги решаваат проблемите

Сандра Стојановска и Елена Ридова се студентки од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, кои се дизајнерки на „MAP the GAP“ –  платформа преку која невладините организации, младите, бизнис секторот и државните институции би се „заследиле“ и заедно би ги решавале проблемите во локалните заедници.

Во организација на Здружението Млади Европски Федералисти (ЏЕФ Северна Македонија) вчера во „Europe House“ се одржа дискусијата „Информатичката технологија и учеството на младите во демократските процеси на локално ниво“, на која воедно беше презентирана младинската платформа.

На дискусијата, младите креаторки ја презентираа платформата  за мапирање на сите дупки кои постојат во локалната самоуправа. Тие велат дека главната идеја е вклучување на сите страни кои се засегнати од проблемите во општеството на една социјална мрежа.

„Mind the gap“ има четири интерфејса, па засегнатиот граѓанин си отвара свој налог според неговиот профил, во овој случај индивидуалец,  и го пишува својот проблем. Проблемот ќе биде виден од другите корисници на платформата и доколку некој друг корисник е засегнат од истиот проблем, тој може да ја поддржи објавата. Со поддржување на објавите од другите корисници, објавените проблеми стануваат повидливи. Платформата ќе ги „исфрла“ проблемите со највеќе поддршка за тие да бидат видливи за институциите кои се одговорни“, вели Ридова.

Тие велат дека преку користењето на социјалните мрежи за да се искажат мисли и ставови, се губи желбата за започнување на некаква иницијатива. Забележуваат дека на локалната самоуправа и недостасува мислењето и вклучувањето на младите, додека пак, на младите им недостасува фидбек, односно повратни информации што докажуваат дека нивното мислење навистина значи.

„Свесни сме дека сите имаме проблеми, но не знаеме на која врата да чукнеме и од кого да побараме помош. Преку „MAP the GAP“ ги спојуваме младите, локалната самоуправа, приватниот сектор и институциите на едно место.  Со оваа платформа се олеснува патот и комуникацијата и се достигнува меѓусебно разбирање“, додаваат креаторките.

„MAP the GAP“ е сè уште во фазата на тестирање и се работи на поправање на ситните „багови“, но од големо значење е учеството на невладините организации, институциите и приватните компании во нејзиното тестирање  за креаторките да имаат увид во функционирањето на платформата.

„Сакаме да го искористиме моментот со воведување на законот за младинското учество, за да ја потврдиме заложбата на институциите за вклучување на младите во креирањето на политиките“ – вели Јелена Пероска, генерален секретар на здружението ЏЕФ Северна Македонија, а воедно и проектна координаторка на проектот „MAP the GAP“.

Освен Сандра и Елена, на дискусијата говореа и Душица Перишиќ, извршната директорка на ЗЕЛС и Гордана Димитровска-Гапиќ, државна советничка во Министерството за информатичко општество и администрација.

Ивана Смилевска