Студенти на УКИМ преку интерактивни видеа им помагаат на учениците да ја совладаат наставата

Група студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ покрена иницијатива со која преку кратки и интерактивни видеа сакаат да им помогнат на учениците од средно и основно училиште полесно и на поинтересен начин да ја совладаат наставната материја.

Математика, физика, хемија, англиски, екологија и заштита на животната средина, психолошка самопомош, меки вештини и компјутерски науки се областите кои студентите сметале дека се најважни и најпотребни за почеток да ги опфатат, и се надеваат дека ќе бидат од голема помош.

Истовремено, ова е корисно и за нив да се потсетат на работите што ги подзаборавиле.

„Наместо да учиме од странски Јутјуб канали, сега можеме да учиме од студентите на УКИМ“, велат од иницијативата.

Тие ги повикуваат сите студенти да им се придружат за да придонесат во развивањето на каналот.

„Сакаме овој проект да продолжи во иднина и да снимиме уште многу вакви видеа на уште многу теми и области и да си помагаме меѓу себе“, се надеваат студентите.

Иницијативата Спознанија (Cognitions) е спроведена со Универзитетско студентско собрание – УКИМ, а е поддржани од Агенција за млади и спорт.