Стрипови со руски јунаци со правила на однесување на мигрантите во Москва

Градските власти на Москва почнаа да користат стрипови со ликови од руските сказни за да објаснат на мигрантите како треба да се однесуваат.

Тие велат дека водичот од 100 страници бил потребен за да се „задржи позитивната слика“ на градот и дека може да помогне во намалување на „тензиите“ помеѓу московјаните и мигрантите.

Критичарите пак предупредуваат дека странските мигранти и етничките Руси може да се забележат како противници во водичот.

Руските националисти и мигрантите неколку пати се судрија во Москва во последниот период.

Илјадници луѓе, многу од нив од поранешните советски републики во Централна Азија и Кавкаскиот регион, пристигаат во Москва секоја година, привлечени од можностите за работа и повисоките плати. Значителен број од нив работат „на црно“ во рускиот главен град.

Новиот водич, на руски јазик, ги објаснува работите кои мигрантите смеат и не смеат да ги прават. Се повикуваат да не предизвикуваат проблеми – како „зјапање во жени“ или „гласно јадење и зборување“ на улиците. Тие се предупредуваат и дека полицијата има можност рутински да ги запира и да ги проверува нивните документи.

Познатите руски „три воини“, се замислени да ги претстават трите безбедносни агенции на градот, додека Принцот Јури Долгоруки (историска личност) се користи како водич низ Москва. Мудрата Василиса и Снегорушка го тестираат читателот за познавањето на рускиот јазик и историја.

Предупредување дека доколку не се врзува појас во автомобил тоа може да биде причина за забрана за влез во Русија

Специјален дел од изданието ја објаснува важноста од следење на строгите правила за престојување и работа во Москва, објаснувајќи дека мигрантите, во спротивно, можат да бидат депортирани или да им биде забранет влезот.

Водичот е наменет пред се за нелегалните мигранти, вели за ББЦ Александер Калинин, кој ја предводи групата Поддршка за работниците мигранти во Москва.

„Сакаме да го подигнеме нивното ниво на свесност за законите. Првично карактерите-мигранти беа замислени како претставници на различни националности, но авторите на книгата подоцна одлучија да се откажат од таа идеја за да не навредат никого“, изјавил Калинин.

Додека новиот стрип-водич е поздравен, критичарите истакнуваат дека мигрантите се „етницизирани“ и дека Москва е презентирана како словенски град со неговите воини.

„Стариот конфликт помеѓу руските херои и хордите (несловенските освојувачи), повторно се ожувува“, смета Јевгени Варшавер експерт за миграција и етникуми во Руската претседателска академија за економија и јавна администрација.

Тој сугерирал и дека јазикот кој се користел во книгата е тешко разбирлив за некои мигранти на кои рускиот јазик не им е мајчин.