Стрип-авторот Игор Стевковски-Стевац добитник на признанието „Љупчо Филипов“

Игор Стевковски-Стевац е годинашен добитник на признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија кое го доделува Стрип-центарот на Македонија (СЦМ), со седиште во Велес. Именувано е по прерано починатиот бард на македонскиот стрип Љупчо Филипов. На Стевац ќе му биде врачено на 16. Меѓународен салон на стрип Велес 2018 во средината на октомври.

Игор Стевковски (1976) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика. Црта карикатури и илустрации и има работено за „Детска радост” и „Остен. Тој 14 години е илустратор на стрипот кој излегува во неделникот „Фокус”. Во него има дефилирано речиси цела политичка сцена во државата.

Досегашни добитници на признанието „Љупчо Филипов” се: Миле Топуз, Диме Иванов Димано, Александар Сотировски, Ване Трајков, „Тајфа Арт”, Томислав Османли, Дарко Марковиќ, Иванка Апостолова, Киро Донев, редакцијата „Детска радост”, Оливер Ромевски, Стрип-книжарницата „Бункер”, Галерија и списание „Остен”, Томе Трајков, Александар Стеванов.