Стотици велосипедисти денеска „прошараа“ низ скопските улици

Неколку стотици млади луѓе, денеска со своите велосипеди, електрични тротинети и ролерки учествуваа на велосипедско – пешачкото дефиле по улиците на Скопје. Дефилето се организираше како дел од Европската недела на мобилност 2019 година, а почетокот беше во паркот „Ибни Пајко“.

Меѓу нив беше и основецот Филип Марков.

„Кога одам да играм фудбал, најчесто одам со точак. А и кога моите не можат да ме носат на училиште“, вели Марков за Радио МОФ.

13-годишната Делфина пак, вели пак вели дека велосипед вози секојдневно. На прашањето дали повеќе сака сака јавен транспорт или велосипед, без размислување одговара „Велосипед!“.

Поворката во која учествуваше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, се движеше по улиците во центарот на градот па се до Градскиот парк. Оние кои  каде завршија со возењето, на Школка ги чекаше  настап на „DJ Mats“.

По повод велосипедското дефиле, на точак денеска се качи и скопскиот градоначалник, Петре Шилегов. Тој се пофали со активностите кои се прават во рамки на Европската недела на мобилност.

„Во рамките на Европската недела на мобилност, во текот на вчерашниот ден целосно го затворивме за сообраќај во Центарот на градот, а денеска со оваа манифестација покажуваме како по главните сообраќајници може да се движиме на алтернативен начин. Со користењето алтернативни начини на превоз го намалуваме сообраќајниот метеж, го намалуваме проблемот со просторот за паркирање и се грижиме за почист воздух и за почиста животна средина“, рече Шилегов.

Велосипедско – пешачкото дефиле по улиците на Скопје е дел од активностите на петтиот ден од Европската недела на мобилност 2019. Годинава таа се организира под мотото „Пешачи со нас“.

Мартин Колоски