Да се укине забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот зашто во изминатите девет години откако е донесена, не само што не ги постигна саканите резултати, туку предизвика и дополнителна штета, пред се кај консументите, а потоа и кај домашната индустрија и државата, бара Стопанската комора на Македонија.
Ваквото барање преточено во Иницијатива за измена на Законот за трговија, Комората денеска ќе го достави до Министерството за економија.
Комората бара и укинување на давачката од 0,05 отсто за продолжување на лиценцата за продажба на алкохол кај трговците со над три продажни објекти, зашто, како што нагласи оперативниот директор Елена Милевска Штрбевска, се однесува на вкупниот промет, а не само на прометот на алкохолните пијалаци. Со давачката, додаде Милевска Штрбевска, оваа категорија трговци се доведени во нерамноправна положба во однос на останатите субјекти на пазарот.
„Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше да се намали неговата консумација, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чиј број од ден на ден станува се поголем. Од ова произлегува дека единствена ефикасна мерка за намалување на достапноста на алкохолот кај младите е доследната и ригорозна примена на законските одредби за забрана на продажба и точење на алкохол на лица под 18 години, а не прохибиција за сите“, вели директорката.
Според неа, изминатите девет години од примената на оваа рестриктивна законска регулатива, не се понудени никакви емпириски докази дека таа остварила какво било влијание врз евентуално намалување на алкохолизмот во Република Македонија. Таа вели дека ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа директно ги стимулираше производството и трговијата на црно.
Македонија има мала потрошувачка по глава на жител во Европа од околу 10 литри вино и под 30 литри пиво. Според Светската здравствена организација, од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци, во Македонија најмногу се консумира пиво (47,4 отсто од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци), вино (39,9 отсто), а на останатите пијалаци отпаѓа 12,6 проценти од вкупната потрошувачка на алкохолни пијалаци.
За споредба, во Бугарија, Словенија и Хрватска потрошувачката на пиво се движи и до 75 литри по глава на жител, додека потрошувачката на вино е околу 25 литри со што далеку се надминува домашниот просек.
Просечната консумација на пиво во Македонија се движи под 30 литри по жител годишно, додека во Србија таа количина е околу 65 литри, а во Хрватска и Бугарија изнесува над 75 литри.