Стигна првата тура со вакцини од Србија, од среда почнува вакцинацијата на здравствените работници

Пакет од 4680 вакцини од компанијата Фајзер, наменет за здравствените работници во Ковид центрите, утрово пристигна на границата со Србија. Тие се дел од вкупно 8000 вакцини кои Србија ќе ги подари во знак на солидарност и добрососедство.

Министерот за здравство Венко Филипче се заблагодари до српската влада што отстапија дел од нивните вакцини.

„Оваа криза покажа дека солидарноста е важна и дека не постојат граници. Ние сме целосно спремни, вакцините се веќе на пат да бидат сместени во соодветните фрижидери. После најавата во петокот вечерта на Фајзер, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје“, потенцираше Филипче.

За премиерот Зоран Заев, пакетот со вакцини е израз на пријателска и соседска подадена рака за поддршка и прва помош за македонските граѓани додека стигнат вакцините кои се нарачани. Овој чин, вели тој, ги зацврствува односите со Србија. Најави и дека деновиве се очекува да пристигнат и останатите количини.

Српскиот премиер, пак, појасни дека имале проблем да добијат дозвола од Фајзер за извоз поради строгите процедури, па затоа се одложило примопредавањето.

„Србија нема други интереси освен да покаже пријателство кон македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија. Нам ништо друго не не; интересира освен нашето пријателство да напредува, да го зголемуваме економскиот развој и да може да живееме не само како најблиски соседи, туку и како најдобри пријатели. Ова е најобичен подарок кој сигурно и вие нам би ни го подариле, бидејќи сметаме дека ако вашиот сосед не е задоволен, ако пријателот не ви е задоволен, тогаш не можете ни вие да сте задоволни“, истакна Вучиќ.

Вакцините, подарок од Србија, ќе бидат дел од Национален план за имунизација на населението, кој ќе се одвива во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Е.П.