Стефан Лозановски, математичар: Секој може да научи математика доколку има желба и спремен наставник

Во 2016 година ја објавува својата прва книга „A Beautiful Journey Through Olympiad Geometry” и ја остава достапна на интернет за бесплатно користење. Деновиве пак ги објави и материјалите од своите часови по математика за основци, кои служат за подготовка за математичките натпревари и олимпијади. Стефан Лозановски е математичар кој своето знање и искуството од учество на натпревари сега го пренесува на новите генерации.

„Убеден сум дека единствениот пат напред се состои од меѓусебно помагање, споделување на своето знаење и давање шанса и пристап до квалитетно образование на секој ученик, без разлика на неговата финансиска состојба. Затоа и книгата и материјалите од моите часови може бесплатно и легално да ги преземе секој кој има желба да го надградува своето знаење во областа на математиката“, вели математичарот.

По две години работа како софтверски инженер, одлучил дека љубовта кон математиката е посилна и дека пренесувањето на знаење на новите генерации го прави среќен. Така и станал дел од „School of The Future“, училиште во кое се држат часови по математика и се подготвуваат учениците за учество на идни натпревари и математички олимпијади.

„Според мене не постои „вроден талент“ за математика, па така не постојат ни ученици кои „природно не ги бива“ за математика. Секој може да научи математика доколку има желба да научи и доколку има наставник кој е спремен да го води низ тоа патешествие. А за да се има желба да се учи математика, според мене, најубаво е на рани години децата да бидат изложени на интересни предизвици, логички загатки и да им се даде шанса да прашуваат „зошто?“ и „како?“ функционираат процесите во природата, а да не им се наметнуваат гледишта од роднините и пријателите дека математика е тешка и дека никој не ја сака“, објаснува Лозановски.

Тој вели дека е среќа што ги имал одличните наставници Весна Тодоровиќ од „Лазо Трповски“ и Özgür Kırçak од „Јахја Кемал“, кои му ја всадиле љубовта кон предметот. Аплицирал за упис на петте најдобри технички универзитети во САД, но немањето медал на Светската олимпијада смета дека било  пресудно за да не биде примен. Затоа се запишал на студии по Информатика и  компјутерско инженерство во Скопје.

За тоа што било пресудно да ја засака математиката, а посебно геометријата, ќе рече:

„Најверојатно изложеноста на многу детски енциклопедии, како и логички играчки и загатки беше пресудна за да се заинтересирам за математика и наука, воопшто. Исто така, никогаш нема да ја заборавам рачно испишаната колекција задачи геометрија од наставничката Весна во основно, кои ги решававме заедно со мојот другар Бојан во последната клупа од нејзиниот кабинет по математика, бидејќи таа со недели нѐ имаше ослободено од другите часови со цел подобро да се подготвиме за натпреварите. Од тогаш ја засакав геометријата, која подоцна прерасна во областа од математиката во која сум најдобар“.

Тој вели дека интересот за натпреварите по математика е навистина голем. Повеќе од 4000 основци и 500 средношколци секоја учебна година учествуваат на општинскиот натпревар, кој е првиот во серијата натпревари по математика во земјава од каде се селектираат македонските репрезентации – 6 основци за јуниорската Балканска математичка олимпијада и 6 средношколци на Балканската и Светската математичка Олимпијада. Притоа, смета дека од голема важност е работата на менторите со овие ученици.

„Наставниците главно се незаинтересирани или недоволно (финансиски) мотивирани од училиштата за да се посветат на менторирање на своите ученици. Се разбира, има исклучоци кои вистински ја сакаат математиката и им даваат безрезервна поддршка и помош на своите ученици. Менторот е една од клучните улоги за успехот на учениците на олимпијадите“, укажува Лозановски.

Со цел да им се помогне на ранливите групи ученици за полесно да навлезат во тајните на математиката надвор од формалното образование,  посочува дека во „School of The Future“ даваат и стипендии кога семејството нема можност да го плати целосниот износ на школарината.

„Така се осигуруваме дека секој кој има желба да научи математика, без разлика на економската ситуација на семејството, добива подеднаква можност. Отворените и бесплатните образовни ресурси се друга алтернатива за решавање на овој проблем. Иако се реткост во Македонија, со објавувањето на книгата и на материјалите од моите часови, се надевам сѐ повеќе ментори ќе се ослободат и ќе се поттикнат да ги споделат своите материјали за сите заедно да го подигнеме нивото на математиката кај нас“, дециден е математичарот.

Книгата „A Beautiful Journey Through Olympiad Geometry” е збир на неговото целокупното знаење од областа на натпреварувачката геометрија, кое го собирал уште како ментор, но и како ученик-репрезентативец на Македонија на Балканската и Светската математичка олимпијада во 2008 и 2009 година. Во неа е покриен е целиот материјал геометрија потребен за еден натпреварувач – од воведните поими и теми за општинскиот, регионалниот и републички натпревар за 7. одделение, преку теоремите потребни за Македонската математичка Олимпијада за основно и средно, па сѐ до понапредните техники и трикови со кои може да се решат задачите од меѓународните олимпијади.  Материјалите пак од неговите часови, кои пред неколку дена беа објавени на интернет, ја содржат целогодишна програма за подготовка за натпреварите.

На прашањето пак што е потребно да се менува во формалното образование за да имаме повеќе ученици кои со радост ќе учат математика вели:

„Најверојатно пристапот на наставниците, особено на оние кои работат со учениците од најмала возраст. А за тоа да се случи, треба тие да бидат високо квалификувани, а не вработени по партиска линија, како и да бидат ценети во општеството и добро мотивирани, за почеток финансиски“.

Во моментов тој ја прави новата верзија на четвртто, дополнето издание од книгата за геометрија. Нејзиното излегување го најавува за  крајот на распустот. Она што се надева, е дека во блиска иднина, и нашите млади репрезентативци по математика ќе бидат дочекувани како ѕвезди на аеродром, како што е случај во другите земји.

Ј.Ј.