[Став] Стари предизвици пред новата учебна година

Несоодветно опремени тоалети без сапун и тоалетна хартија, отсуство на пристапни рампи за лицата со физичка попреченост во развојот, неплатени сметки и долгови на училиштето и училници кои остануваат незагреани во текот на зимските месеци се само дел од секојдневието на сите оние кои поминуваат по една четвртина или третина од денот во тие објекти, пишува Димитар Низамовски од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Се наоѓаме на прагот пред нова учебна година. Година во која некои за првпат ќе се сретнат со македонскиот образовен систем, други се веќе длабоко навлезени во неговите лавиринти, додека за трети ова е последната година со која ќе го завршат задолжителното образование. Учениците, родителите и наставниот кадар најдобро знаат каков беше патот кој го изодеа изминативе години во образовниот процес и колку тој навистина ги исполни стандардите на една модерна и демократска држава и очекувањата на сите оние кои се желни за стекнување и споделување на знаење и способности.

Се наѕира уште една учебна година, пред која, стравувам дека сè уште се исправени истите предизвици со кои се соочуваат сите засегнати страни во образованието, но и Република Македонија како држава воопшто, проблеми кои се провлекуваат низ годините наназад и за кои сè уште не е најдено соодветно долгорочно решение.

Најпрвин, да ги разгледаме инфраструктурните проблеми и техничките потешкотии со кои се соочуваат дел од нашите училишта. Несоодветно опремени тоалети без сапун и тоалетна хартија, отсуство на пристапни рампи за лицата со физичка попреченост во развојот, неплатени сметки и долгови на училиштето и училници кои остануваат незагреани во текот на зимските месеци се само дел од секојдневието на сите оние кои поминуваат по една четвртина или третина од денот во тие објекти. Мора да се обезбеди и редовен и навремен превоз до и од училиштата за сите оние ученици кои живеат на оддалеченост од 2,5 километри и повеќе од училиштето. Единствено преку обезбедување на пријатна, чиста и соодветна училишна средина може да се надевамe на врвни резултати во образованието и оспособување на нашите ученици за предизвиците во животот.

Ако навлеземе малку подлабоко и во квалитативна анализа на моменталната состојба, може да се увидат проблеми и во учебниците од кои македонските ученици учат и начинот на кој се предава материјата од страна на наставниците и професорите. На неколку дена пред почетокот на новата учебна година, сè уште не се подготвени и достапни бесплатните учебници за средно образование затоа што се прават корекции на грешките и исправки на нелогичностите од страна на Министерството за образование и наука. Веќе се корегирани 22 учебника за новата учебна година, а во тек е и изготвувањето на 31 учебник за стручно образование, што е навистина за поздрав. Иако самата акција беше повеќе од потребна, со оглед на небулозите кои беа напишани во дел од овие учебници, сепак, не требаше оваа задача да се остави за последните денови од летниот распуст, непосредно пред враќањето на учениците во училишните клупи.

Посебен акцент мора да се стави и на начинот на кој се пренесува оваа содржина и методите со кои наставниците се служат за време на часовите. Мора да им се даде поголема слобода на сите професори кои располагаат со поголема креативност и би сакале на еден несекојдневен и различен начин да ја објаснат теоријата и подобрат практичната работа за своите ученици.

Не смее да се задушува и конформира желбата и посветеноста на еден наставник кој би сакал на попластичен и поинтересен начин да ги запознае младите со длабочините на својот предмет.

На крајот на денот, начинот на кој ќе се пренесе знаењето и вештината кои би требало да се практични и применливи во понатамошниот живот на младиот човек и да го оспособат за критичка мисла и мотивираат за активно граѓанско учество во својата држава, би требало да биде само една финеса.

Кога веќе говориме за мотивираноста на наставниот кадар, би сакал да истакнам голема поддршка за одлуката на Владата за зголемување на платитена вработените во основното и средното образование, со надеж дека овој тренд ќе продолжи и во иднина.

Иако можеби овие 5 проценти звучат незначително, сепак се значаен чекор за подобрување на статусот на наставниците кои носат огромна одговорност на својот грб со подучувањето и воспитувањето на нашите деца во една од, лично за мене, најблагородните професии кои постојат и чија важност, за жал, денес е подзаборавена и ставена на маргините на општеството.