[Став] Среќен роденден, Карл Маркс. Во право беше!

На 5 мај 1818 година, во јужниот германски град Триер, во живописната виноградска област во долината Мосел, се родил Карл Маркс. Во тоа време Триер бил една десеттина од денешната големина, со население од околу 12.000. Според еден од поновите биографи на Маркс, Јирген Нефе, Триер е еден од оние градови каде што „иако не се знае секој со секого, многу луѓе знаат многу работи за многу луѓе“.

Безграничниот интелектуален ентузијазам на Маркс бил високо над таквите провинциски стеги. Ретки биле радикалните мислители од големите европски престолнини во неговото време што тој или не ги сретнал или не ги победил во теоретската арена, вклучувајќи ги и неговите германски современици Вилхелм Вајтлинг и Бруно Бауер; францускиот „буржоаски социјалист“ Пјер-Џозеф Прудон, како што ќе го означат Маркс и Фридрих Енгелс во својот „Комунистички манифест“; и рускиот анархист Михаил Бакунин.

Во 1837 година Маркс се откажал од правната кариера што неговиот татко, и самиот адвокат, ја испланирал за него и се впуштил во шпекулативната филозофија на Г.В.Ф. Хегел на Универзитетот во Берлин. Може да се каже дека од таму сè тргнало надолу. Длабоко конзервативната пруска влада не го сфаќала позитивно таквото револуционерно размислување (Хегеловата филозофија се залагаше за рационална либерална држава), и до почетокот на следната деценија кариерата што Маркс си ја одбрал како универзитетски професор била блокирана.

Ако нешто некогаш убедливо ги бранело опасностите од филозофијата, тогаш тоа сигурно било откритието на Хегел од страна на Маркс, чијашто „гротескна рапава мелодија“ отпрвин му била одбивна, но потоа на неа во делириум танцувал низ улиците на Берлин. Како што Маркс му признал на својот татко во едно исто такво делириумско писмо во ноември 1837 година, „сакав да го гушнам секој човек што стоеше на улицата“.

Додека се приближуваме до двестегодишнината од раѓањето на Маркс, кои лекции би можеле да ги извлечеме од неговата опасна и делириумска филозофска оставнина? Што точно е трајниот придонес на Маркс?

Денес неговата оставнина се чини дека си е сосема жива и здрава. Од крајот на милениумот се појавија безброј книги, од научни дела до популарни биографии, кои широко го опфаќаат Марксовото читање на капитализмот и неговата трајна релевантност за нашата неолиберална ера.

Во 2002 година, францускиот филозоф Ален Бадиу на конференција на која присуствував во Лондон изјави дека Маркс станал филозоф на средната класа. Што мислеше тој? Верувам дека мислел дека образованото либерално мислење денес е повеќе или помалку едногласно во својата согласност дека основната теза на Маркс – дека капитализмот е воден од длабоко разорната класна борба во која малцинската владејачка класа го присвојува вишокот труд на мнозинската работничката класа како профит – е точна. Дури и либералните економисти, како што е Нуриел Рубини, се согласуваат дека Марксовата убеденост дека капитализмот има вградена тенденција да се самоуништи и денес останува исто толку точна.

Но, ова е местото каде што едногласноста нагло завршува. Додека повеќето се согласуваат околу дијагнозата на Маркс за капитализмот, мислењата за тоа како да се третира неговото „безредие“ се коренито различни. И тука лежи оригиналноста на Маркс и неговата длабока важност како филозоф.

Прво, да бидеме на чисто: Маркс не дава никаква магична формула за излегување од огромните општествени и економски контрадикции што ги наметнува глобалниот капитализам (според Оксфам, 82 отсто од светското богатство генерирано во 2017 година отишло кај најбогатиот 1 процент во светот). Меѓутоа, она што Маркс го постигна, преку неговата самонаречена материјалистичка мисла, беше клучното оружје за поткопување на идеолошкото тврдење на капитализмот дека е единствената опција.

Во „Комунистичкиот манифест“, Маркс и Енгелс напишаа: „Буржоазијата го разголи светиот ореол на сите дотогаш почесни дејности, на кои се гледаше со стравопочитувачки трепет. Таа ги претвори лекарот, правникот, свештеникот, поетот, научникот, во свои платени наемни работници“.

Маркс беше убеден дека капитализмот наскоро ќе ги задуши нив. На пример, напливот што вештачката интелигенција во моментов го прави во медицинската дијагностика и хирургијата го потврдува аргументот во „Манифестот“ дека технологијата во голема мера ќе ја забрза „поделбата на трудот“, или ќе ги направи таквите професии излишни.

За подобро да разбереме како Маркс го постигнал своето трајно глобално влијание – влијание веројатно поголемо и пошироко од кој било друг филозоф пред или по него – може да почнеме со неговата врска со Хегел. Што било тоа во Хегеловото дело што толку го фасцинирало Маркс? Како што му кажал на татко си, првите средби со Хегеловиот „систем“, кој самиот се гради слој по слој од негации и противречности, не го освоиле целосно.

Маркс открил дека идеализмите од доцниот 18 век на Емануел Кант и Јохан Готлиб Фихте, кои толку доминирале во филозофското размислување во почетокот на 19 век, му даваат приоритет на самото размислување – толку многу што реалноста да може да се заклучи преку интелектуално размислување. Но Маркс одбил да ја потврди нивната реалност. Во еден ироничен хегеловски пресврт, тоа било чистата спротивност: материјалниот свет бил тој што ги одредува сите размислувања. Како што Маркс напишал во своето писмо: „Ако порано боговите живееја над земјата, сега станаа нејзиниот центар“.

Идејата дека Бог – или „боговите“ – живеат меѓу масите, или се „во“ нив, се разбира, не била ништо ново од филозофски аспект. Но новото кај Маркс било тоа што ја разбуричкал идеалистичката почит – не само кон Бог, туку и кон која било божествена власт. Додека Хегел застанал кај застапувањето за рационална либерална држава, Маркс ќе отиде уште една фаза понатаму: бидејќи боговите повеќе не се божествени, воопшто нема потреба за држава.

Идејата за едно општество без класи и без држави ќе ја дефинира и Марксовата и Енгелсовата идеја за комунизмот и, се разбира, подоцнежната и проблематична историја на комунистичките „држави“ (ептен иронично!) што се создадоа во текот на 20 век. Сè уште има многу што да се научи од нивните катастрофи, но нивната филозофска релевантност останува во најмала рака сомнителна.

Клучниот фактор во интелектуалната оставнина на Маркс во денешното општество не е „филозофијата“, туку „критиката“, или она што тој во 1843 го опиша како „немилосрдната критика на сè што постои: немилосрдна и во смисла човек да не се плаши од резултатите до кои доаѓа и во смисла исто толку малку да се плаши од конфликт со властите.“ „Филозофите само го толкуваа светот, на различни начини; поентата е тој да се промени“, напиша тој во 1845 година.

Расното и половото угнетување се додадоа во динамиката на експлоатацијата на класите. Движењата за социјална правда, како што се „Црните животи се важни“ и „#И мене исто“, му должат некој нем долг на Маркс преку нивното непомирливо целење кон „вечните вистини“ на нашето време. Таквите движења знаат, како и Маркс, дека идеите што го владеат секое општество се оние на неговата владејачка класа и дека испревртувањето на тие идеи е од основно значење за вистинскиот револуционерен напредок.

Ние некако се навикнавме на енергичната мантра дека за да го смениме општеството, ние прво мора да се смениме себеси. Но просветленото или рационално размислување не е доволно, бидејќи нормите на размислување веќе се искривени од структурите на машката привилегираност и социјалната хиерархија, па дури и до јазикот што го употребуваме. Промената на тие норми подразбира промена на самите темели на општеството.

Да го цитираме Маркс, „Ниту еден општествен поредок никогаш не е уништен пред да се развијат сите продуктивни сили за кои е адекватен, а новите супериорни односи на производството никогаш не ги заменуваат постарите пред да созреат материјалните услови за нивното постоење во рамките на старото општество“.

Транзицијата кон едно ново општество каде што односите меѓу луѓето, а не капиталните односи, конечно ја одредуваат вредноста на поединецот, веројатно се покажа како доста тешка задача. Маркс, како што реков, не нуди формула што одговара за сите и може да се примени на општествените промени. Но тој нуди моќен интелектуален тест за таа промена. Врз таа основа, ние сме предодредени да продолжиме да го цитираме и да ги тестираме неговите идеи сè додека конечно не се оствари она општество за кое тој се бореше, и кое сè поголем број од нас сега го посакуваат.

Извор: Њујорк тајмс, превод: мкд.мк

Автор: Џејсон Баркер, вонреден професор по филозофија на универзитетот Кјунг Хи во Јужна Кореја и автор на романот „Маркс се враќа“