[Став] Слоновите тагуваат, кучињата сакаат – зошто ги негираме чувствата кај другите видови?

Научниците откриваат сѐ повеќе за животот на животните. Но, што значи ова за начинот на кој се однесуваат луѓето?

*ексклузивни снимки од заробувањето на млади диви слонови во Зимбабве

Пред неколку недели кружеа снимки од пет млади слонови кои беа заробени во Зимбабве за продажба на зоолошките градини низ светот. Службениците од парковите користеле хеликоптери за да ги најдат семејствата на слоновите, младите ги застрелале со седативи, а потоа ги растерале членовите на семејството кои дошле напомош на младите, откако тие под седативи почнале да паѓаат.

Видеото, споделено на Гардијан, ги покажува младите заробеници кои се превртени и влечени во камиони. Во последните моменти на снимката, двајца мажи постојано удираат мал збунет слон во главата. Отстранувањето на младите слонови од нивните родители и испраќањето во заробеништво е во голема мера наоѓа оправдување врз основа на тоа што тие не чувствуваат и не страдаат како нас, луѓето. Со децении бевме наговарани против антропоморфизмот – придавање човечки емоции, како што се тага или љубов на животните.

Но, всушност, луѓето ги имаат овие емоции бидејќи и другите животни ги поседуваат исто така. Невронауката, еволутивната биологија и науката за однесувањето сега покажуваат дека слоновите, луѓето и многу други животни имаат скоро идентичен нервен систем и најверојатно искусуваат речиси идентични основни емоции. Човечките и мозоците на слоновите се подложени на истите хемикалии кои создаваат расположение и мотивација кај нас. Сите ние сме цицачи, а под кожата сме роднини.

Научниците ја следеле работата на мозокот на стаорците додека сонуваат и мозокот на кучињата како покажува љубов. Всушност, семејната структура на китовите е скоро идентична со онаа на слоновите. Животните што живеат во стабилни општествени групи – примати и мајмуни, волци и диви кучиња, хиени и мачки, разни птици, некои делфини и други, знаат кои се и со кого се.

Цицачите и птиците, а најверојатно и сите `рбетници, доживуваат задоволство, болка и страв што ги водат во границите на опстанокот. Октоподите се мекотели, но ги препознаваат човечките ликови и користат алатки, како и повеќето мајмуни. Кучињата кои се домашни миленици препознаваат фотографии од луѓе што ги знаат. Орките често живеат до своите 50-ти (ретко до 100), но синовите и ќерките никогаш не ги напуштаат своите мајки. Слични и нови откритија се појавуваат со зголемена зачестеност. Нашите не се единствените срца и умови на оваа планета. Ние не сме сами. Имаме друштво.

Имам поминато децении акумулирајќи сознанија за когнитивните капацитети на животните, емоциите и нивните семејни животи. Па така, слоновите претставуваат совршено тројство. Слоновите всушност имаат натчовечки сетила, па затоа животот за слоновите е веројатно натчовечки живописен. Нивниот слух е многу подобар од нашиот, и додека го слушаме нивното гласно трубење, тие во голема мера комуницираат со звуци кои се премногу ниски за луѓето да можат да ги детектираат.

Често кога сте во близина на слоновите, можете да почувствувате вибрации во градите од нивните гласни татнежни повици што не можете да ги слушнете. Користејќи специјални сензорни рецептори во нивните нозе – за разлика од сѐ што ние поседуваме – тие можат да ги детектираат овие громогласни звуци на многу милји одалеченост. Ова е веројатно причината зашто се чини дека слоновите знаат кога се убиени други далечни слонови и зошто тие се забележани како трчаат нагоре пред луѓето кога надоаѓа некое цунами.

Слоновите најмногу трогнуваат со грижата што ја посветуваат на своите млади и своите браќа и сестри. Пред неколку години во националниот парк Абосели во Кенија, д-р Вики Фишлок и јас, следевме семејства на слонови на своето секојдневно патување. Некои од слоновите се капеа во пролетниот базен, но кога излегоа сјајни и влажни, една возрасна слоница остана одзади и сѐ уште не влегуваше во водата. Нејзиното бебе се двоумеше. Мајката беше трпелива, тапкајќи ја водата со нејзината сурла како да го води во неговата намера. Ја гледавме трпеливата мајка како влегува во водата со своето бебе. Бебето се приклучи, обвиткувајќи ја сурлата околу десниот заб на нејзината мајка за поддршка. Наскоро бебето лебдеше во водата, а мајката, со својата сурла, го водеше своето дете до далечниот брег.

Мајките и тетките им помагаат на новороденчињата да застанат; бебињата ги поминуваат првите неколку години од животот на два чекори од мајка си; членовите на семејството брзаат да помогнат на кое било бебе кога ќе се заплетка во висока трева, ќе се сопне или ќе побара помош. (Бебињата некогаш го злоупотребуваат ова за да привлечат внимание; кај луѓето ова го викаме разгаленост).

Мајките и ќерките слоници остануваат заедно подолго од било кое друго копнено животно – често од 40 до 60 години. Слоновите познаваат и следат стотици индивидуи и десетици фамилии. Некои фамилии се исклучително блиски пријатели и често се посетуваат и поминуваат време заедно. Ако се појави непознат слон, веднаш забележуваат. Знаат кои се, со кој се, кои се нивните непријатели и каде се. Тие не постојат туку-така – тие имаат животи.

Раскинувањето на овие неверојатни врски предизвикува интензивно емоционално страдање кај слоновите – објаснува Синтија Мос, која ги проучува слоновите повеќе од 40 години. Д-р Геј Бредшо, во „Elephants on the Edge, убедливо тврди дека хемијата на мозокот на слоновите им овозможува да го доживеат пост-трауматскиот стрес идентично со луѓето. Дејм Дафне Шелдрик, која има половина век искуство со истрауматизирани сираци, ми кажа: „Слон може да умре од тага.“ Таа го има видено тоа.

Факт е дека слоновите се длабоко свесни. Невронаучникот Кристоф Кох ја дефинира свеста едноставно како „предмет кој се чувствува како нешто“. Кога ќе ни дадат целосна анестезија, или ако се онесвестиме, го губиме искуството од сите сетила. Престануваме да чувствуваме, слушаме, гледаме. Враќање на свеста едноставно значи дека ни се враќа искусувањето на сетилните дразби, баш како сетилата да ни биле исклучени од мозокот и повторно вклучени.

Зошто ги порекнуваме и игнорираме чувствата на други видови спротивно на сѐ што науката и нашите сетила ни кажуваат? Две причини: нашата омилена приказна е дека луѓето се апсолутно уникатни и специјални на сите можни начини. Прифаќањето дека други животни имаат ментални и емоционални искуства ја расипува нашата суета. Другата причина: порекнувањето дека другите животни чувствуваат ни дозволува да им правиме сѐ што ќе посакаме.

Во 1789, Џереми Бентам посочил дека за тоа што им правиме на животните е важно само едно прашање. „Прашањето не е, дали размислуваат?Ниту, дали зборуваат? Туку, дали страдаат?“ Чарлс Дарвин иронично забележал: „Животните, кои ги направивме наши робови, не сакаме да ги сметаме за еднакви на нас.“ Тој исто така го презирал и човечкото ропство.

Имам видено слободни слонови кои ги прикажуваат повеќето од доблестите и ниту една од алчностите кои ние ги прикажуваме едни кон други. Нивниот главен самоуправен принцип не е само да се живее и да се дозволи да се живее, туку да се живее и да се помогне да се живее. Тие живеат во подобра резонанца со себе и со светот. Јас се сменив.

Карл Сафина, писателот на „Beyond Words; What Animals Think and Feel“ и основач на непрофитабилниот „Safina Center“

Превод: Ива Апостолска и Давор Пехчевски