Пишува: Лазар Церски
Навршуваат 60 години од најголемиот траур за Скопје во неговата понова историја – земјотресот од 1963-та година. И крај илјадата жртви се најде усмртен и самиот град, а од неговиот леш се издигнало едно ново, современо Скопје – градот на солидарноста. Честопати ова се зема здраво за готово – така требало да биде, немало друг избор. Но, зар навистина било така?
Малку предисторија
За време на Османлиската империја, Скопје честопати се сметало за една обична турска касаба, паланка, со навидум слабо организиран напор за современа урбанизација. Најзначајни градби изградени за време на османлиска власт биле Чаршијата, Камениот мост, Учителската школа и други.
Но, со потпаѓањето под српска власт и подоцна Кралството Југославија, Скопје се стекнало со нова и
особена важност – главен административен центар на Вардарската бановина, што ја опфаќала цела Македонија, поголемиот дел од Косово и делови од јужна Србија. Србите го одбрале Скопје за оваа улога од чисто практични причини – Скопје бил блиску и географски и културно до Белград, односно Србија. Следствено, големи напори се вложиле осовременувањето на Скопје, а притоа се создал и еден нов градски идентитет.
Во меѓувоениот период, тогашните трговци, богатници и луѓе блиски со власта ги изградиле своите домови во еклектичен стил. Примери за тоа се Ристиќевата и Кранговата палата. Притоа биле изградени и мноштво различни хотели, како хотел Бристол, хотел Јадран и подоцна хотел Македонија. Остатоци од овие градби денеска можат да се видат низ Дебар Маало и други делови од Центар. Сепак, најзначајни градби биле Офицерскиот дом, Народниот театар, Народната банка, Железничката станица и денешната зграда на Собранието, кои воедно станале и симболи на градот. Скопје почнало се повеќе да изгледа на просечно осовремено средноевропско гратче. Кон ова придонело и тоа што странски европски архитекти ги создавале овие зданија.
Симболи на српски гнет?
Сепак, постоеле и постојат тие коишто сметаат дека горенаведените архитектонски зданија се симболи на српскиот гнет што бил наметнат на населението. Треба да се сетиме дека градоначалникот на Скопје во тоа време бил архитектот Јосиф Михајловиќ – Јурукоски, што бил општо почитуван од сите скопјани во тоа време. Притоа тој и ја критикувал власта и бил демократски настроен.
Покрај тоа, некои од овие зданија биле користени од страна на бугарските окупациски власти, како и подоцна комунистите за пропагандни цели. Цар Борис Трети одржал говор од терасата на Офицерскиот дом а, подоцна и портретот на Тито бил поставен на истата тераса.
Па, очигледно е дека барем Офицерскиот дом никогаш не бил симбол на некоја идеологија, туку на самиот град, а истото може да се каже и за скоро сите други зданија создадени во тој период.
Покорен непокор
Бурата пред бурата
Поплавата во 1962 година оштетила добар дел од градбите од меѓувоено Скопје што се наоѓале до Вардар, особено близу Градскиот парк и центарот на градот, навидум како предвесник за уништувањето што ќе се случело. Голем дел од градбите оштетени од поплавата биле или срушени или доуништени од земјотресот.
Скопје во 5:17
И со ужасот на поплавата сè уште свеж, Скопје и скопјани го дочекале судниот час. Приказната на сите им е позната – на 26 јули 1963-та во 5:17 наутро градот бил погоден од земјотрес силен 6.1 на Рихтеровата скала, десеткувајќи над 70% од градот.
Веднаш по земјотресот, хуманитарна помош почнала да доаѓа од сите страни на светот, притоа Скопје станало „градот на солидарноста“. За време на хуманитарните напори, за првпат по Втората светска војна, американски и советски војници се сретнале и соработувале, трагајќи за преживеани под рушевините.
Наметнати очекувања
Откако се смирила состојбата, под покровителство и соработка на Обединетите нации и тогашната југословенска и македонска влада започнал процесот на реконструкцијата на Скопје. Повеќе држави, како Советскиот Сојуз, Шведска, Финска, Обединетото Кралство и други, донирале повеќе различни привремени и трајни стамбени објекти, како згради и бараки. Вака, Скопје станало симбол на светската солидарност и хуманост, во време на тензични односи помеѓу Западот и Истокот.
Започнале да се кројат и планови за реконструкцијата на централното градско подрачје. Но, скоро сите архитекти го гледале Скопје како табула раса – празен простор врз кои можело да се експериментира, иако многу од градбите на меѓувоениот период можеле да се обноват. На главниот конкурс организиран од Обединетите нации, планот на јапонскиот архитект Кензо Танге победил. Планот, поведен од тогаш популарниот стил – брутализмот, како и јапонскиот метаболизам, бил мошне радикален. Не предвидувал да остане ништо од предземјотресните градби.
Всушност, планот е одраз на наметнатите очекувања на меѓународната заедница за Скопје – градот требало да прерасне во симбол на меѓународната соработка за време кулминацијата на Студената војна, како и симбол на едно современо време. Скопје требало да стане еден вид на модел-град, што значело и целосно доуништување на тоа што останало од предземјотресно Скопје, а со тоа и духот на старо Скопје.
Смртта на Скопје
Сепак, за уништувањето на старо Скопје постои и друг, идеолошки мотив. Голем дел од тогашните комунистички југословенски и македонски челници и државници ги сметале градбите на меѓувоено Скопје за „буржоаски“ и следствено спротивни на комунизмот. Па затоа, дури и градби што тогаш можеле да се реконструираат, како Офицерскиот дом и Народната банка, биле уништени.
Една анегдота од времето на рушењето на старо Скопје е тоа дека при првиот обид за уништување на Народната банка, главниот сеф воопшто не бил оштетен од страна на експлозивите, па требало многу повеќе напор од очекувано за да се уништи сефот.
И така, со овие планови и видувања била запечатена судбината на Скопје, а со тоа духот и менталитетот на неговите граѓани. Со целосното занемарување на сите архитектонски зданија и дела на меѓувоено Скопје при реконструкцијата на градот, била сторена една голема неправда.
Скопје во денешницата
Развојот по земјотресот
По земјотресот, Скопје брзо почнало да се развива во метропола, притоа создавајќи многуте населби што тогаш биле приградски, а денес сржта на Скопје, како што се Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров итн. Целосниот план на Кензо Танге никогаш не бил целосно спроведен, а притоа и некои македонски архитекти дошле до израз, како што е Јанко Константинов со неговото дело – Главната пошта. Скопје полека прераснало во типичен претставник на тогашната југословенска архитектура, којашто води инспирација од брутализмот и модернизмот. Тоа што го преживеало земјотресот било оставено на милоста на забот на времето.
Сквернавењето на идејата и повторната смрт на Скопје
Сепак, најголемата преобразба, најголемата неправда и сквернавење на Скопје во 21-иот век, а воедно и на градскиот идентитет е проектот „Скопје 2014“. Проектот, коишто бил идеолошки и финансиски мотивиран, се обидел да го внесе неокласичниот стил во центарот на градот, несвојствен и неоснован за Скопје. Едноставно кажано, „Скопје 2014“ е ништожен и грешен обид за имитирање на изгледот на многуте западни и средноевропски градови, а единствениот негов „придонес“ е тоа што го десеткувал меѓународниот углед не само на Скопје, туку и на државата. Притоа, и идентитетот на градот повторно бил насилно променет.
Сепак, за да на некои начин историски се оправда проектот, биле планирани и реконструкции на Народниот театар и Офицерскиот дом. Но, ни ова не било изведено како што треба, за што сведочи фактот дека Офицерскиот дом после повеќе од 10 години, сè уште не е завршен. Всушност, плановите користени за реконструкција, не се автентични, односно претставуваат покич варијанти на оригиналните.
Што сега?
Што би било кога би било…
Денеска, Скопје повторно се наоѓа во небрано, а градскиот идентитет сè повеќе бледее поради. Притоа општиот квалитет на живот опаѓа и градежната мафија сè повеќе и повеќе го докусурува градот. И, иако градот и државата имаат многу поголеми и поважни проблеми и работи, како уставните измени, економската криза итн. на коишто им е потребно особено внимание, сепак тоа не значи дека не треба да мечтаеме.
Што било кога би се обновило тоа старо, еклектично Скопје? Можеби, кога градот и неговите граѓани би го штителе минатото, би ги исправале неправдите на денешницата и би се стремеле кон иднината, тогаш градот убав пак ќе никне.
Нека не се заборави грозоморот од 1963-та и непокорот на Скопје!
*Лазар Церски е студент на политички науки на универзитетот во Лил, Франција. Има особен интерес кон историјата и политиката, како и кон неговото родно Скопје.
Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.