[Став] Што претставува СИДА-та?

Пишува: Даницa Среткоска, средношколка

Секоја година, почнувајќи од 1988 година, на 1 декември се одбележува Светскиот ден на СИДА-та. Иако е постигнат значителен напредок кон ставање крај на СИДА-та како закана за јавното здравје, епидемијата на ХИВ не е завршена и младите остануваат несразмерно изложени на ризик.

Во истражувањето спроведено во 2020 година, 410.000 млади луѓе на возраст меѓу 10 и 24 години биле новозаразени со ХИВ, од кои 150.000 биле адолесценти на возраст меѓу 10 и 19 години. Покрај тоа, сеопфатното знаење за ХИВ кај младите останува премногу ниско, така што секое трето лице покажувало знаење во врска со оваа тема.

ХИВ (вирус на човечка имунодефициенција) е вирус кој се пренесува преку крв и не заштитен сексуален контакт и може да се насели во различни ткива на телото, но своите главни ефекти ги покажува врз имунолошкиот систем.

ХИВ во основа ги уништува белите крвни зрнца наречени Т-лимфоцити, поттиснувајќи го имунолошкиот систем и подложувајќи го организмот на инфекции. Како резултат на тоа, предизвикува сериозни оштетувања на телото, со болести како туберкулоза, дијареа, менингитис, пневмонија, кои може да се лекуваат во нормални услови, а во некои случаи може да се забележат и карциноми.

Денес, лековите развиени за ХИВ го спречуваат размножувањето на вирусот во телото и неговиот имуносупресивен ефект, овозможувајќи им на ХИВ-позитивните да живеат долг и здрав живот. За ова, важно е рано да се започне со лекување и да се продолжи редовно под контрола на лекар. Не можете да заболите ниту да пренесете ХИВ доколку прегрнете некого, користите една крпа или една чаша. Но, сепак, можете да пренесете ХИВ преку незаштитен полов однос, користење исти игли или тетовирање со нестерилизирани игли.

СИДА е кратенка за синдром на стекнат имунолошки дефицит. СИДА-та, предизвикана од вирусот ХИВ, е фаза во која имунолошкиот систем е подложен на инфекции и е опасен по живот. Спротивно на заблудата, не секој ХИВ позитивен боледува од СИДА.

Некои луѓе не покажуваат никакви симптоми на ХИВ со години по инфицирањето. Многумина може да покажат симптоми 10 дена по инфицирањето. Овие симптоми се слични со оние на грипот и мононуклеозата и можат да вклучат треска, замореност, нафрлување и болки во грлото. Симптомите најчесто се губат по неколку недели и можат да не се појават неколку години. Затоа, единствениот начин да дознаете дека сте заболени од ХИВ е тестирањето.

Сепак, доколку сакаме да откриеме дали сме позитивни на ХИВ или СИДА, треба да направиме тест по контакт со горенаведените начини.

За тестот да биде точен, мора да се формираат антитела во крвта, така што ХИВ тестот дава најточни резултати 4-6 недели по контакт со вирусот.

СИДА-та за жал е болест за која многумина се срамат да зборуваат и така самата станува предмет на неверојатна стигма. Мразте ја болеста, но не и заболениот.

Дајте му на детето љубов, смеа и мир. Не СИДА!”- Нелсон Мандела.