[Став] Препораките на УНЕСКО од перспектива на борбата за зачувување на заедничките добра

Еден од најважните предизвици пред кои деновиве се исправени граѓаните на Р. Северна Македонија е битката за зачувување на природното и културното наследство во охридскиот регион. За жал, и во оваа, како и во повеќето наши битки, ние влегуваме задоцнето, по дојава. Нешто како да нè сопира навремено да му се спротивставиме на непријателот, кој пред наши очи веќе долго ги копа своите ровови. Битката, својствено за нас, најчесто ни почнува кога ќе прочитаме во некој официјален извештај дека сме веќе погодени. Во случајот со светското наследство од охридскиот регион, информациите дека состојбата е алармантна ги прочитавме во извештајот на Центарот за светско наследствопри УНЕСКО.

Што пишуваше во извештајот и зошто напишаното треба да нè засега сите?

На 40-та сесија на комисијата на Центарот за светско наследство при ОН (УНЕСКО), одржана во април 2017 г., донесена е одлука за испраќање набљудувачка мисија која ќе направи анализа за состојбата во охридскиот регион, врз основа на која, потоа во извештајот на мисијата, ќе бидат формулирани препораки во облик на мерки што државата ќе треба да ги преземе за да го зачува статусот на светско наследство на регионот.

Набљудувањето на состојбата во која се наоѓа охридскиот регион беше направено на терен од 9 до 14 април 2017 г. Во извештајот од истото, како најкрупни проблеми што го загрозуваат природното наследство, влегоа: намалувањето на нивото на водата, а со тоа и загрозувањето на хирдологијата и биодиверзитетот на Охридското Езеро, што се должи, во најголема мера, на природните фактори (сушни периоди), а веднаш потоа и неконтролираното загадување на водата поради несоодветните системи за отпадни води, кои се слеваат во езерото, и евидентната еутрофикација од влевањето на речните устија во одредени делови во езерото, кои се должат на човечки фактори. Според извештајот, овие проблеми можат долгорочно и неповратно да го оштетат екосистемот на езерото.

Голем акцент во извештајот, во делот на штетите предизвикани од луѓе, е ставен врз неконтролираниот и екстензивен урбанистички развој, како и врз несоодветната експлоатација на крајбрежните зони, што придонесува кон значително влошување на состојбата на езерото. Овој неконтролиран развој има директен удел во загадувањето на водата, деградацијата на биодиверзитетот, како и на промената и губењето на квалитетот на околниот пејзаж.

Покрај истакнувањето на овие проблеми, кои произлегуваат од неадекватната регулација, техничката неподготвеност и недоволна контрола врз регионалниот развој, во извештајот не двосмислено се предупредува за неповратните трансформации на односот помеѓу историскиот град, археолошките остатоци, природните богатства и Охридското Езерото што би се случила ако се реализираат големите инфраструктурни проекти што државата ги планира. Поради нив, но и поради претходно наведените проблеми во извештајот, препорачани се 19 препораки кои, доколку се спроведат, би се ограничило оштетувањето на природното и културното наследство во регионот.

Меѓу нив, приоритетни се следниве:

  • Препорака за проектот за нова железничка линија – Коридор 8 (Кичево – албанска граница)
  • Поради фактот што планираниот пат минува низ заштитениот појас, а неговата изградба и функционирање би го оштетиле екосистемот на појасот, извештајот ѝ препорачува на државата да пронајде алтернативна рута за него.
  • Препорака за проектот за автопатот А2 – коридор 8.
    Овој автопат, исто така, минува низ заштитениот појас, и тоа преку реони во кои се наоѓаат археолошки наоѓалишта. Како и претходниот, и овој пат има потенцијал да го оштети природното богатство на областа. Поради тоа, во извештајот се препорачува добро планирање на проектот за да се обезбеди брз и ефикасен транспорт (како би се намалило загадувањето) и, наместо градење нов автопат, да се подобри постоечкиот помеѓу Струга и албанската граница. Доколку изградбата на овој автопат е неизбежна и притоа во неа се наиде на неоткриени археолошки локалитети, да се запре целата конструкција на автопатот додека истите не бидат соодветно проучени.
  • Препорака за проектот за изградба на автопатот А3. Во извештајот се препорачува перманентно напуштање на плановите за конструкција на потсекциите(а) и (е) од автопатот А3, сè додека не се преземат сите соодветни мерки да се минимизира потенцијалното влијание на овој градежен зафат врз исклучителната универзална вредност на опфатениот дел.
  • Препорака за проектот„Ски центар Галичица“. Комисијата  препорачува перманентно напуштање на планот за реализација на овој проект.
  • Препорака за активирање мораториум за сите крајбрежни урбанистички трансформации во зоната прогласена за светско наследство.
  • Во извештајот ѝ се препорачува на државата да ги финализира сите релевантни документи за планирање (план за управување, урбанистички/крајбрежен план базиран врз ИУВ, туристичка стратегија базирана врз ИУВ итн.) и да се достават до комисијата.
  • Се препорачува да се направи детална листа на сите нелегални градби во заштитената зона. Истите итно да се отстранат, приоритет да имаат оние штосе наоѓаат во заштитената зона на националниот парк Галичица. Потоа веднаш да се направат напори да се обезбеди почитувањето на веќе пропишаните закони, со цел во иднина да не се појавуваат нелегални градби.
  • Да се направи план за тампон зона помеѓу езерото и градбите.
  • Да се подобрат централните системи за отпадни води што истекуваат во Охридското Езеро.
  • Да се намали моторизираниот сообраќај во стариот дел од градот.

Градежно уништување на охридското крајбрежје

Овие препораки, како и останатите десет наведени во извештајот, државата имаше обврска да ги спроведе преку своите институции во рок од 2 години. За да може да се локализира одговорноста од страна на државата, овде ќе ги наведам институциите кои беа и се надлежни за спроведувањето на посочените препораки.

Надлежноста за заштита и управување со природното и културното наследство во охридскиот регион пред се им припаѓа на Министерството за култура и на Министерството за животна средина и просторно планирање, но одговорни за тоа се и општините Охрид, Струга и Дебарца, иако општините немаат еднакви законски ингеренции во заштитата на културното и природното наследство. Покрај споменатите, надлежност за заштита на природното и културното наследство имаат и Институтот за заштита на споменици на културата и музеи во Охрид, кој има овластување да го заштитува културното наследство, Природно историскиот музеј во Струга кој е одговорен за заштита на движното наследство и националниот парк Галичица, кој е надлежен за управување на природното наследство во паркот, како и на културното наследство штосе наоѓа во неговите граници.

Моќта на овие институции е пропишана во соодветната легислатива на државата, која ќе ја наведам заради прегледност на проблемот.

Заштитата на културното наследство во РСМ е регулирана со Законот за заштита на културното наследство, во кој, со посебен член,старото градско јадро на Охридсе прогласува за културно наследство од вонредна важност. Заштитата на природното богатство, пак, се регулира преку Законот за заштита на природата. Исто така, постои и Закон за управување со светското природно и културно богатство во охридскиот регион.

Евалуацијата на почитувањето, односно непочитувањето на препораките од набљудувачката мисијата на УНЕСКО е содржана во генералниот извештај за 43-та сесија на Комисијата за светско наследство при УНЕСКО,оддржана од 30 јуни до 10 јули 2019 год во Баку (2 години по извештајот на набљудувачката мисија).Таму се прибележува дека државата презела одредени чекори во насока на препораките од мисијата. Таа ја запрела надградбата на потсекциите (а) и (е) на експресниот пат А3 (Охрид–Пештани) и de facto ја сопрела изградбата на ски центарот Галичица. Дополнително, државата изготвила нацрт-закон за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион, за кој комитетот забележува дека не е доволно рестриктивен.

Меѓутоа, во овој извештај се забележува дека поголемиот дел од препораките воопшто не се проследени.Според комисијата, „не е направен никаков напредок во одобрувањето на инструментите за планирање, како управувачкиот план, во воспоставување на мораториум на сите трансформации, во правењето список и уривањето на сите нелегални објекти кои штетно влијаат на исклучителната универзална вредност на регионот, во имплементирањето на нови системи за отпадна вода, како и во сеопфатно третирање на градските сообраќајни проблеми“.

Покрај овие нешта,обележана е и неефикасноста на државата во пронаоѓањето други решенија за коридорот 8и за автопатот А2.

На сесијата во Баку, Владата на СРМ беше обврзана во многу краток период да ги исполни 19-те барања од набљудувачката мисијата во 2017 г. Во меѓувреме, владата донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во охридскиот регион и им препорача на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на планот за управување со природното и културно наследство.

Изборот помеѓу брз економски раст со неконтролирани последици и одржлив развој кој ќе ги почитува заедничките добра

Според анализите направени од страна на УНЕСКО, јасно е дека културното и природното наследство во охридскиот регион се наоѓа во сериозна опасност. Оваа опасност, според она што е наведено, произлегува пред сè од неможноста, односно неспособноста на надлежните институции да се справат со неконтролираниот развој на регионот. Институционалната слабост, пак, се заснова, од една страна, на недоволната рестриктивност на постоечката легислатива (која е забележана во извештајот на 43-та сесија на Комисијата за светско наследство), а од друга страна, на ниското ниво на компетентност, ефикасност, како и високото ниво на корумпираност на самите институции.

Очигледно е дека трката по брз профит, во чие име, по сè изгледа, е жртвувана моќта на граѓаните преку своите институции да го зачуваат она што е заедничко (во случајов природното и културното наследство) е она што длабоко го поткопува нашето општество. Состојбата во која што се наоѓа охридскиот регион не е нешто што наивно нè затекнало. Напротив, таа е резултат на континуираната институционална сервилност кон непосредниот интерес на економската моќ. Токму овој вид сервилност е она што со години им напатствува на заедничките добра, односно на оние нешта кои што имаат универзална вредност. Таа е практично слепа за оваа универзална димензија на заедничкото, бидејќи истата не произведува брза трансакција на банкарските конта. Напротив, заедничкото наследство создава еден подлабок културен идентитет, кој претставува можност за издигнување над баналноста на секојдневната економска размена. Оттука, најдобар опис за универзалната вредност на природното и културното наследство можеби е оној на самата едукативно, научно – културната организација при ОН,со кој објаснува дека заедничкото добро мора да се чува бидејќи тоа„конституира извор на идентитет и кохезија за заедниците вознемирени од збунувачките промени и економската нестабилност“.

Според тоа, Владата на РСМ, но уште повеќе граѓаните се исправени пред една значајна битка. Битка која, во крајна смисла, претставува еден вредносен избор. Ќе тргнеме во насока на долгорочна заштита на заедничките добра или ќе се препуштиме на инерцијата на брзиот развој со неконтролирани последици врз она што е заедничко, односно она што создава оштествена кохезија?

Доколку наш приоритет е првата опција, тогаш покрај спроведувањето на препораките, кои се conditio sine qua non, пред Владата претстојат крупни системски реформи кои би го засилиле капацитетот на институциите во борбата за зачувување и унапредување на јавните добра и услуги. Заканата која го демне охридскиот регион не постои поради некаква ненамерна грешка, таа е резултат на несовмесниот капацитет на државата (институциите) да се справува со притисоците на пазарот и лукративниот интерес на моќните поединци. Во таа насока, долгорочното решение за проблемите културното и природното наследство во охридскиот регион нема да го донесат багерите, туку создавањето политички и социјални услови во кои институциите ќе генерираат политики со кои ќе се подобрува квалитетот на заедничките добра.

Стефан Видиков

Извор: Град за сите