[Став] Предизвиците во македонското високо образование

Претходната власт со години го користеше високото образование како екстензија на своите политички ставови и популистичка идеологија. На високото образование, како и на многу други сфери, се гледаше како центар на моќ кој треба да се покори и освои, како систем кој треба да се држи затворен и со што помалку влијание врз општествените процеси и политичкиот дискурс. Како резултат на негрижата за квалитетот во високото образование, во најмала рака, бевме сведоци на незрели и избрзани решенија, донекаде скандалозни и ретроградни, па дури неприменливи и невидени во светската високообразовна пракса. И покрај сето ова генерално сметам дека на скорешните случувања во високото образование (пред сè поврзани со државниот испит) може да се гледа и како на скриен благослов. Имено, за прв пат од независноста на Македонија, високото образование стана центар на внимание и дебата во јавноста, при тоа подигнувајќи значаен дел од академската заедница (пред се тука мислам на студентите) на нозе. Впрочем, падот на претходната власт беше навестен токму со студентските протести од пред три години. Новата влада се надевам дека ќе ја научи лекцијата од своите претходници дека популизмот и опсесијата со реформи во високото образование се кобна стратегија која порано или подоцна ќе доведе само до поголеми проблеми за кои, меѓу другото, се плаќа и висока политичка цена.

Во еден современ и радикален исказ за позицијата на универзитетот во новото време, Бил Редингс (Bill Readings) експлицитно го најавува крајот на универзитетот, барем онака како што го познаваме. Во својата книга насловена како „Универзитетот во руини” (The university in ruins) осврнувајќи се на филозофските постулати на Лиотард и Дерида, тој со скептичен тон говори за иднината на универзитетот и предупредува дека многу внимателно треба да се пристапи кон идејата за негово реформирање доколку истиот сакаме да ја задржи својата улога како (примарен) креатор на знаења во општеството. Кон таа цел би издвоил за дискусија неколку предизвици со кои се соочува високото образование во Македонија притоа не заборавајќи гo предупредувањeто на Редингс. Бидејќи листата е долга ќе се обидам тоа да го направам во три делови за читателите на РадиоМОФ, во секој од нив осврнувајќи се на пет предизвици. Предизвиците за кои говорам не се нужно подредени по приоритет, а се однесуваат примарно на државата, универзитетите како и самите студенти и академски кадар.

Преголем број на високообразовни институции

Квалитетното образование не зависи од бројот на високообразовни институции, а особено не во земја како што е Македонија со ограничен човечки капитал, лимитирани финансиски ресурси и релативно куса високообразовна историја која датира од поствоениот период. Во моментов кај нас се акредитирани 20-тина универзитети што е преголема бројка ако се има предвид дека се работи за популација од нешто повеќе од два милиони жители која се соочува со постојан пад на наталитетот и зачестена миграција во странство. Намалувањето на вкупниот број на запишани студенти во последните неколку години е уште еден показател кој оди во прилог на потребата од рационализација на бројот на универзитети во земјава. Како за споредба во земји со слична популација како нашата постојат далеку помал број на универзитети: во Словенија постојат четири универзитети, во Ирска исто така четири универзитети, во Финска десет универзитети и редица други примери.

Консолидацијата и намалувањето на бројот на универзитетите (најчесто преку интеграција на повеќе постоечки универзитети) е широко прифатена практика во високоразвиените земји (во стручната литература како особено успешни се издвојуваат примерите од Скандинавските земји, но и тие во Белгија, Германија и Холандија). Причините за спојување на повеќе институции во една (mergers) покрај финансиските се поврзани и со подобрување на квалитетот на работата на самите универзитети и зајакнување на нивната меѓународна позиција и идентитет (особено во привлекувањето на студенти). Кај нас политиките се движат во обратен правец и бројот на универзитети се зголемува од година во година. Скорешното основање на Универзитетот Мајка Тереза како шести државен универзитет и најавите за уште еден (Дамјан Груев) се ретроградни и нема да доведат до подобрување на квалитетот ниту пак кон драстично зголемување на образовната понуда. Новата влада доколку има намера да застане во одбрана на квалитетот треба сериозно да размислува за постепено намалување на бројот на универзитетите и воведување на построги стандарди.

Стихијно  менување на законската рамка

Според моите пресметки, за помалку од една декада од донесувањето на Законот за високо образование (2008) истиот има претрпено најмалку 20-тина измени и преку 250 амандмански интервенции од кои најголемиот дел по иницијатива на (поранешната) влада, а само мал дел по предлог на оние кои се најзасегнати – универзитетите. Во образовната литература на ваквите чести и стихијни измени на законската рамка се гледа како индикатор за незрелоста и неефикасноста на еден високообразовен систем. Донекаде парадоксално, и покрај тоа што законскиот текст во Македонија е еден од најопсежните во светот, тој суштински нуди мал број јасни инструкции кои би ни помогнале да ја препознаеме визијата за високото образование.

Иако се уште е рано за да се донесе сигурен заклучок, кај сегашната власт ми се чини дека постои политичка волја за подобрување на законската рамка иако сметам дека на самиот процес, како и во минатото, сеуште му недостасува инклузивност и конкретна визија што е  е основен предуслов за изработка на квалитетен закон. Иницијативите поврзани со подготовката на новиот закон создаваат конфузија, бидејќи во јавноста циркулираат два нацрт текстови за донесување на новиот закон. Во голем дел и двата текста (кои поради опсежноста на дискусијата не се предмет на посебен интерес тука) примарно ги инкорпорираат ставовите на претставници од УКИМ, за што пак дел од академската јавност со право реагира дека тие не ги отсликуваат ставовите на целокупната академска заедница. Со самото постоење на два нацрт документи евидентна е таборизацијата во најстариот универзитет која се влече како проблем со години.

Мојот став е дека се избрзува со подготовката на нов закон и покрај тоа што несомнено постојат области во кои се потребни интервентни мерки, кои како што се покажа во случајот со укинување на дисперзираните студии се возможни и без интервенции во законот. Јас сум поборник за инкрементален и долгорочен пристап кој како прв чекор ќе ја има изработката на детална анализа која ќе ги идентификува основните слабости и позитивните практики во високото образование врз база на постојните извори на податоци (пр. Заводот за статистика, Еurydice, OECD Data, UNESCO Institute for Statistics и други), но и со прибирање на нови поради ограниченоста на постојните. Без ваков чекор останува нејасно врз основа на кои конкретни согледувања се утврдуваат законските предлог решенија кои се сега во оптек. Ако бидеме чесни ќе признаеме дека голем дел од претпоставените предизвици (дел и од оние содржани во овој текст) се резултат на анегдотални дискусии и мислења без соодветна или целосна научна, аналитичка и компаративна поткрепа. Откако ќе се подготви ваквата појдовна анализа, како втор чекор треба да се изработи документ (налик на White Paper во Велика Британија) кој како политички документ ќе ги содржи основните приоритети и визии за високото образование на владата. Просто кажано, овој документ треба да ги постави основните постулати за тоа како треба да изгледа високообразовниот систем во иднината. Дури потоа како резултат на сеопфатна дискусија и ревизија на овие два документи може да се размислува за воведување на измени во постоечкиот закон или подготовка на нов.

Треба да се напомене и дека високообразовните политики мора да се носат во комбинација со социјалните и економските политики. Универзитетот не е и не смее да биде остров, иако симболично сеуште му се придава екстериторијален статус и привилегии. Тоа не значи дека високото образование и програмите кои се нудат треба да се раководат исклучиво од економски параметри и под диктат на потребите на пазарот на трудот, но во земја со хроничен проблем со младинска невработеност тие мора да се имаат предвид. Според мене првиот чекор за добивање на појасна слика треба да биде воведување на т.н. “graduate destination survey” која во континуитет (во циклус од повеќе години) ќе следи што се случува со нашите дипломци – колку време чекаат до нивното прво вработување, каде работат и дали работат во струка, колкави се нивните примања, итн. Од друга страна, не смее да се занемари и социјалниот аспект. Според некои истражувања кај нас класната раслоеност и јазот помеѓу богатите и сиромашните во Македонија е драстично зголемен во последнава декада. Од таа причина мора да се прибават и конкретни податоци за тоа како ова се одразува на степенот на партиципација во високото образование од една страна, и од друга страна како високообразовните политики го адресираат овој проблем.

Застарен модел на финансирање на високото образование

Предизвик кој неизбежно мора да се спомене е и застарениот модел на финансирање на високото образование кој се користи во моментов, а е воспоставен во 1988 година – време во кое карактеристиките на високообразовниот систем биле во значаен дел различни од сегашните, примарно поради постоењето на само два државни универзитети, Скопскиот и Битолскиот. Освен што е застарен, моделот во употреба е полн со нејаснотии. Двосмисленоста на моделот претходните влади умешно го користеа за прилагодување и интерпретација врз основа на сопствените цели и видувања. Во многу случаи разликата помеѓу предвидениот и реалниот број на студенти не беше проследена со соодветни буџетски измени. Па така, државата може да ги зголеми уписните квоти без притоа да распредели дополнителни средства за таа намена. Постојат и ред други механизми со кои сегашниот модел ги држи универзитетите во финансиска зависност, а со тоа им ја намалува суштинската автономија врз своето управување. На пример, градењето финансиски резерви во рамките на универзитетите кои користат јавни средства не е дозволено, со што се оневозможува стратешко планирање на средствата на долг рок. Исто така, законската обврска со која универзитетите се обврзуваат да користат 40% од приходите стекнати од партиципација за научно-истражувачка работа е невообичаена практика во европските земји, бидејќи не може да биде државата таа која одлучува како еден универзитет ќе ги троши парите стекнати од сопствени приходи.

Новата влада мора да размислува за сериозно ревидирање или целосно исфрлање од употреба на постоечкиот модел. Според мене новиот модел треба да се потпира на комбинација од неколку модели кои ќе обезбедат баланс помеѓу институционалната автономија на универзитетите и државата како контролор. Во голем број европски држави се применува финансиски модел утврден според бројот на студентите (или т.н. money follows student model), истовремено имајќи ги предвид разликите во трошоците според академските области во кои се извршува наставата (бидејќи трошоците не се секаде исти). Ваквиот модел во основа е добар и има свои предности, но во себе содржи и ризик универзитетите да влезат во гола трка по повеќе студенти а со тоа и повеќе пари. Поради тоа најчесто тој се комбинира со модел базиран на учинок (performance-based model) кој обично е во тесна врска со стратешките приоритети кои ги има зацртано државата. Конечно, треба да се овозможи и финансирање на т.н. слободна компонента за која универзитетите самостојно ќе одлучуваат врз база на сопствените приоритети и потреби. Оваа компонента може да се зголемува процентуално со тек на време доколку универзитетите покажат транспарентност и отчетност при трошењето. Без разлика кој од овие модели ќе се одбере, идејата е да се овозможи долгорочно и стабилно планирање со буџетирање на повеќегодишни буџети одеднаш.

Недостаток од средствата за научно-истражувачка работа

Одвојувањата за наука со години стагнираат на околу 0.20-0.40% од БДП, далеку под просекот на Европската унија (2.00%). Во Стратегија за иновации 2012-2020 поставена е доста амбициозна цел за научни одвојувањa во висина од 1.8% од БДП до 2020-та година, но сегашната стапка на инвестиции остава малку простор за оптимизам дека целта ќе биде постигната според зацртаното. Со моменталната буџетска стапка за наука е речиси невозможен стремежот кон академска инзвонредност уште помалку очекувањето дека академскиот кадар може да создава и публикува трудови во научни списанија со светско реноме. Доколку финансиите за научно-истражувачка работа не се зголемат значително во годините кои следат, под прашање се става и можноста за иновациски развој на економијата и градењето на општество базирано на знаење. Впрочем, тешко дека држава која троши толку малку за наука може да се смета за демократска, а уште помалку развојна и прогресивна. Со инвестирање во науката не се зајакнува само квалитетот на високото образование туку се подобрува и економијата, животната средина, граѓанското општество, здравството и ред други области.

За да се подобри состојбата со научно-истражувачката работа секако во прв план се потребни далеку поголеми средства од државата, но и поголема соработка на универзитетите со приватниот сектор. Покрај тоа потребно е и ревидирање на распределбата и обемот на работа во самите универзитети. Во моментов скоро и да не постои можност за академскиот кадар да се посвети исклучиво или барем во еден дел на истражувачка работа, најчесто поради преоптовареноста со наставни обврски. Во многу земји како востановена пракса академскиот кадар има загарантирано време за истражувачка работа. Такви примери има и во некои од земјите во Југо-Источна Европа (како Словенија и Чешка) кои историски гледано имаат голем број сличности со Македонските универзитети кои се првично основани со фокус на наставната дејност. На долг рок, зајакнувањето на истражувачката компонента ќе го зајакне капацитетот на академскиот кадар и соработката со колеги од странство, ќе го подобри квалитетот на наставата и ќе ја зголеми финансиската автономија на самите универзитети со приходите од истражувачките проекти.

Недостаток на помлад академски кадар

Во изминативе години се создаде дупка во академскиот кадар и голем број на универзитети  кубурат особено со бројот на помлад академски кадар (примарно соработници/асистенти и доценти). Министерството за финансии во претходната влада со години не одвојуваше средства за нови вработувања на државните универзитети, или одвојуваше многу малку – неретко по партиски клуч. Соочени со недостаток на нови одобренија за работа државните универзитетите честопати назначуваат помлад академски кадар на позиции како технички соработници во обид колку толку да се спречи неговото заминување. На приватните универзитети сликата е слична – со намалениот број на студенти, во голем дел како резултат на намалување/укинување на партиципацијата на државните универзитети и отворањето на нови универзитети и дисперзирани студии, се стесни обрачот за проширување на академскиот кадар. Како резултат на ова и во државните и во приватните универзитети е оневозможена и проста репродукција на кадарот (за секој еден во пензија, еден нов вработен). Академската заедница старее и ѝ се заканува генерациски јаз кој тешко може да се надокнади ако не се преземат итни чекори по ова прашање.

Оние млади луѓе кои веќе работат на универзитетите се во незавидна положба. Преоптоварени се со огромен број на часови предавања и вежби, немаат загарантирано време да се посветат на своите докторски трудови и истражувачка работа (без која во светот денес академската работа е незамислива), притоа работејќи за потпросечни плати (многу често и волонтерски) и соочувајќи се со неизвесност во однос на својата академска иднина и кариера. Оттука не зачудува податокот дека голем дел од нив размислуваат да ја напуштат академската професија и да заминат во странство. Новата влада мора да се нафати на решавање на ова прашање многу сериозно доколку сакаме да избегнеме интелектуален егзодус со тешко надоместливи последици. Во една скорешна изјава новата министерска за образование Рената Дескоска рече дека веќе се одобрени средства за нови вработувања за помладиот академски кадар и таквата одлука е за поздрав.

Пишува: Мартин Галевски

*Авторот е докторанд по образовни политики на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија. Главно поле на научен интерес му е високото образование. Покрај докторатот работи и како консултант во областа на високото образование во повеќе земји низ светот, меѓу кои и Ирска, Финска, Литванија, Бахреин и други.

*Колумната е објавена во склоп на проектот „На час“, чии активности се финансирани и се спроведуваат во партнерство со Фондација Отворено општество – Македонија.