ССНМ: Протестот на вработените во МИА ставен во мирување во очекување да се исполни ветувањето на премиерот

Вработените во Медиумската Информативна Агенција (МИА) го ставија неколкудневниот протест во мирување, во очекување премиерот Димитар Ковачевски, како што велат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), да го одржи ветувањето кое го дал во интервју за МИА дека на наредна седница на Влада ќе го усвои предлогот за зголемување на платите на вработените во државната новинска агенција.

„Доколку не биде исполнето ветувањето на премиерот до наредната седница, вработените преку синдикатот ќе ја отпочнат постапката за штрајк, а тоа значи блокада на работата, односно МИА нема да продуцира вести. Штрајкот ќе се одржува пред Владата според однапред предвидена динамика“, посочија од ССНМ.

На состанок со вработените, менаџментот на МИА информирал дека точката за зголемување на платите на седницата на Влада на 1 август е тргната од дневен ред со образложение дека МИА треба да го усогласи финансискиот план со Министерството за финансии и да достави нова одлука со барање за покачување на бодот.

„Ова според менаџментот веќе било направено. Потсетуваме дека МИА бара одобрување за покачување на платите за кои има сопствени средства од предвидениот буџет и од остварена добивка која секоја година е се поголема од претходната. Поради фактот дека новинарите во МИА не ги опфати ниту едно покачување во минатите години, нема да го прифатиме процентот на веќе понуденото зголемување на платите како во јавниот сектор“, дополнуваат од ССНМ.

Инаку, во понеделникот беше одржан седмиот протест по ред, кога вработени во МИА излегоа на получасовната пауза пред просториите на агенцијата, од каде го повторија ставот за итна реакција и зголемување на платите и порамнување на трошоците за живот.