Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) поднесе предлог до Собранието за намалување на платите на функционерите, откако во март, со одлука на Уставниот суд, се укинаа два члена од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица со што платите на функционерите се покачија за 78 проценти.
Од ССМ бараат итна измена на Членот 11 од овој Закон со која покачувањето на платите на функционерите би била иста како и за сите други вработени во јавниот сектор.
„Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво, стои во предлогот на ССМ.
Од Сојузот велат дека функционерите, наместо да мислат на ранливите категории граѓани, размислуваат само за себе и за своите потреби и си овозможиле енормно зголемени плати наеднаш без реална и оправдана причина за својата работа.
„Ние синдикалците и граѓаните не гледаме испорачани резултати од страна на функционерите на планот на подобрувањето на општествениот и економскиот развој, ниту пак видовме зголемен ангажман и зголемена продуктивност на функционерите за 78% за потоа да добијат ваквото енормно зголемување на платите од 78%“, велат од ССМ.
Оттаму побараа од пратениците едногласно да ја прифатат нивната иницијатива и Законот да се измени во најкус можен рок.