Српски професор доби 750 милиони долари од тужба против технолошка компанија во САД – парите ги инвестира во бесплатни учебници

Српскиот професор Александар Кавчиќ, пред неколку години заедно со неговиот ментор Жозе Мур од Универзитетот ,,Карнеги Мелон“ создале решение за оптимално читање магнетен диск. Тие станаа популарни откако ја добија судската постапка против американската компанија „Марвел технолоџис“, која го користела нивниот метод за својот чип. Тужбата е вредна 750 милиони долари.

Сега, неговата идеја е овие пари да ги инвестира во подобрување на образовниот систем во Србија, на ниво на основно, средно и високо образование така што ќе обезбеди бесплатни учебници.

„Ние сме мала земја и многу е важно да се подигне нивото на образование и учебниците и образованието да бидат бесплатни, за една толку мала земја да остане конкурентна, мора да го подигнеме нивото на образование на целата нација, а не само на поединците во привилегираните училишта “, рече Кавчиќ за ТВ Н1.

Тој додава дека е важно да се организираат наставниците да пишуваат учебници според стандардите на Министерството за образование и кога ќе бидат усвоени, да се прикачат на интернет и секој што сака да може да ги преземе.

Кавчиќ објаснува дека магнетните дискови се користат во компјутерските системи уште од 50-тите години на минатиот век, но сè до нивниот пронајдок, патентиран во 98-мата година, немало оптимален метод за нивно читање.

На прашањето како открил дека „Марвел“ го користи неговиот патент, тој изјави дека уште во 1993 година, слушнал од колегите дека се користи во индустријата и се вградува во чипови.

„Но, бидејќи не можете да го отворите чипот, а ‘Марвел’ го чуваше тоа во тајност од нас, во 2008 година, сосема случајно, читајќи го патентот на ‘Марвел’, сфатив дека ако сакаат да го вметнат во нивниот чип, тие неизбежно мора да го користат нашиот метод. Тоа беше поттик за тужба што беше поднесена во 2009 година, а постапката заврши во 2016 година“, вели тој.

Целиот судски процес го финансирал Универзитетот кој чинел 20 милиони долари, а самата одлука за влез во процесот чинела половина милион долари.