Средношколци ќе дебатираат за слободата на изразувањето на интернет во Тетово

Јавна дебата за слободата на изразување на интернет ќе се одржи оваа сабота (13 април) од 17 часот во Центарот за балканска соработка – Лоја во Тетово. На настанот ќе дебатираат средношколци од дебатните клубови на Младинскиот образовен форум од Велес и Тетово.

„Онлајн платформите целосно го сменија начинот на кој луѓето се изразуваат, разменуваат ставови и добиваат информации. Интернетот ја редефинираше гаранцијата на слободно изразување во јавниот простор. Доколку сакате да ги проширите своите знаења од областа на правото на слободно изразување, комуницирањето и објавувањето на информации во виртуелниот простор, Младински образовен форум ве поканува на првата од циклусот јавни дебати организрани во склоп на Проектот за младинско изразување“, најавуваат организаторите.

Тезата на јавната дебата гласи: „Овој дом би забранил анонимно објавување и коментирање на интернет“, а средношколците дебатери од дебатните клубови на МОФ од Велес и Тетово ќе ги спротивстават своите аргументи поддржувајќи ја, или негирајќи ја тезата. Дебатата ќе се одвива во Формат на светски училишта (World Schools Debate Format). Овој формат им овозможува на дебатерите, поделени во афирмативен и негациски тим од по 3 дебатери, да ги произнесат своите аргументи, промовирајќи аргументирана и организирана дискусија.

Младински образовен форум, преку своите дебатни клубови во 7 градови во државата, им овозможува на средношколците преку едногодишен курикулум да се запознаат со концептот на компетитивна средношколска дебата, притоа создавајќи простор за развој на критичко размислување, јавно говорење и аргументација во јавниот дискурс.

Проектот е финансиран од Европската Унија.