Средно училиште во Норвешка воведува видеоигри во наставата

Учениците во Garnes Vidaregåande Skole во Берген, Норвешка како дел од задолжителната настава ќе учат и е-спортови, почнувајќи од август.

Училиштето ќе ги третира електронските спортови исто како и традиционалните, како на пример фудбал или ракомет. Околу 30 ученици запишани на програмата ќе учат пет часа неделно во период од три учебни години.

Во Folk High Schools, приватни училишта кои нудат едногодишно образование без полагање на завршни испити веќе се изучуваат е-спортовите, но ова ќе биде прв пат видео игрите да се најдат во програмата на редовно, државно средно училиште.

Студентите нема само да поминуваат пет часа неделно играјќи игри на училиште. Иако „гејмерските“ вештини се важни, во часовите ќе бидат вклучени 90 минути физички тренинг потребен за игрите кои ќе се изучуваат, со работа на рефлексите, силата и издржливоста. Секој час ќе биде поделен: 15 ученици ќе играат, додека другите 15 ќе прават физички вежби. Во интервју со Dotablast, Petter Grahl Johnstad, управител на одделот за природни науки на училиштето, изјавил дека учениците ќе бидат оценувани за нивниот перформанс, а предвид ќе бидат земени познавањето на играта и вештините, комуникацијата, соработката и тактичките способности.

Училиштето ќе има посебна соба со столови за гејмање и компјутери со Nvidia GeForce GTX 980Ti видео картички. Уште немаат одлучено кои игри ќе се изучуваат, но ќе избираат меѓу Dota 2, League of Legends, Counter-Strike: Global Offensive и Starcraft II.

Со воведувањето на овој курс, училиштето прифаќа глобален тренд и им излегува во пресрет на учениците кои сакаат да играат игри, но не можат бидејќи треба да учат, пишува Ars Technica.