СПУКМ: Новиот Закон за високото образование ја руши студентската автономија

Новиот предлог закон за високото образование ја руши студентската автономија, сметаат од Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, СПУКМ.

„Наводно се бореа за зачувување на автономијата на универзитетите, а сега на најбрутален начин се руши студентската автономија и организирањето на студентите. Изборите за студентските претставници на факултетските студентски собранија ги распишува деканот наместо самите студенти. 
На новото тело Универзитетско студентско собрание се наметнува делегатски систем на гласање, односно 44 студенти одбрани од факултетските студентски собранија да одлучуваат кој ќе биде претседател. Идејата со ова очигледно им е да нè вратат години назад или во претходниот систем, кога функционираше делегатски систем“, реагира Студентскиот парламент преку соопштение испратено до јавноста“, посочуваат од СПУКМ.

Според нив не е добро и тоа што студентскиот правобранител наместо од студентите ќе се избира на седница на Универзитетскиот сенат.

„Студентскиот правобранител, пак, кој треба да ги штити правата на студентите, наместо да биде одбран од студентите, тој ќе се бира на седница на универзитетскиот сенат и на сенатот ќе треба да му поднесува извештаи за неговата работа. Се отвора прашањето на кого треба да му служи студентскиот правобранител, на студентите или на професорите?!“, посочуваат од СПУКМ.

Досега, претседателот на СПУКМ се бираше на студентски избори, распишани од СПУКМ, поради што честопати се случуваше претседателот за има истечен мандант и по неколку години.  Студентскиот правобранител пак и досега се бираше на седница на сенат, но по предлог на СПУКМ.

Последните студентски избори пак, за избор на претседател на СПУКМ кои се спроведоа на крајот на јуни, 2016 година, се запишани како црна дамка во поновата историја на студентското организирање во земјава. Ноќта по изборите пред седиштето на СПУКМ, додека внатре се броеја гласовите за новиот претседател, полицијата надвор се пресметуваше со студенти од Студентскиот пленум кои мирно протестираа. Во текот на гласањето на УКИМ беше забележано крадење на избирачките кутии, имаше проблеми со броењето гласови, а вечерта заврши со насилство.

По смената на власта, мината година, Министерството за образование и наука пристапи кон изработка на целосно нов текст на Законот за високо образование. Предлог текстот неодамна беше објавен во јавноста, а следниот месец се очекува да се стави на дневен ред во Собрание.