„Space X“ успешно ги лансираше астронаутите на НАСА во орбитата

Капсулата по име Dragon (Змеј) донесе нов момент во американската програма за вселенски летови, носејќи двајца астронаути во авантура во орбитата.

Ракетата „Falcon 9“ на компанијата „Space X“, во 15:22 часот по локално американско и  21:22 часот по средноевропско време, беше лансирана од центарот „Кенеди“ во Флорида до Меѓународната вселенска станица. Ова е прв лет на астронаути на НАСА од американско тло, во американско летало во последните девет години (од 2011).

Со ова, компанијата „Space X“ на претприемачот Илон Маск стана првиот комерцијален оператор да носи астронаути во вселената под јавно-приватно партнерство со НАСА, основано од американската агенција во 2010 година.

На врвот на ракетата со девет мотори „Falcon 9“ се наоѓаше капсулата „Dragon“.

Астронаутите треба да поминат неколку недели на Меѓународната вселенска станица и ќе му помагаат на екипажот кој веќе се наоѓа во вселенската лабораторија.

Првично, лансирањето во орбитата требаше да се случи во средата, 27 мај, но беше одложено поради лошите временски  услови во центарот „Кенеди“ во Флорида.