Советот на општина Гевгелија кажа НЕ за рудниците

На вчерашната вонредна седница Советот на општина Гевгелија едногласно го одби барањето за продолжување на геолошките истражувања на Кожуф од страна на фирмата „Резервоар Минералс“ ДООЕЛ Скопје. Ова е вториот негативен одговор на гевгеличани по референдумското „НЕ“ за истражување на металични минерални суровини на локалитетот „с. Коњско“ на Кожуф планина, објави порталот „Гевгелијанет“.

Советот беше информиран дека оваа компанија прв пат ја доби концесијата за детални геолошки истражувања за овој локалитет во 2013 година и по истекот на првично доделениот рок од 4 години сега бара продолжување на рокот за вршење на истражувањата за уште 2 години, согласно членовите 12 и 17-а од Законот за минерални суровини.

За оваа цел советниците седнаа на вонредна седница да расправаат по барањето на фирмата со истечена концесионерска лиценца, за продолжување на рокот за истражување на уште две години. Претседателот на Советот на општина Гевгелија Ташко Дојчинов, тргнувајќи од определбата за целосна транспарентност, како што нагласи овозможи пред Советот свое излагање на барањето да има претставник од фирмата. Барањето за продолжување на геолошките истражувања пред советниците го образложи управителката на „Резервоар минералс“ ДООЕЛ Скопје Даниела Бомбол. Таа навести дека ќе бидат запазени сите законски одредби и светски стандарди за заштита на животната средина.

Едночасовната расправа што ја поведоа членовите на Советот на општина Гевгелија, резултираше со заклучок дека Министерството за економија и Владата на РМ треба да прогласат едностран раскид на договорот за концесија. Ова од причини што согласно Извештајот од извршените детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на локалитетот Конско за периодот 2013-2017 година, како и записникот од извршениот теренски увид од страна на Министерството за економија на РМ, концесионерот немал суштински причини или пречки да го заврши истражувањето во законски рок.

Советот на општина Гевгелија во денешното соопштение нагласува дека очекува Министерството за економија, како надлежен орган за работите од областа на минералните суровини, но и Владата на Република Македонија под чија ингеренција работи ова министерство, во целост треба да го почитуваат ставот на Советот на општина Гевгелија за давање негативно мислење околу барањето за доделување на концесија за продолжување на геолошките истражувања на Кожуф планина.