Соломонските Острови се подготвуваат да го забранат Фејсбук

Владата на Соломоновите Острови се подготвува да го забрани Фејсбук во обид, како што тврдат, да го ограничат „навредливиот јазик“ и „личните дисквалификации“, додека опозицијата тврди дека тоа е обид за ограничување критичките гласови.

Доколку овој план се оствари, Соломонските Острови ќе бидат само четврта земја во светот која го забранила Фејсбук, заедно со Кина, Иран и Северна Кореја. Претходно ова го имаа направено и други држави, како Науру во 2015 година, но три години подоцна тие ја повлекоа забраната.

Предлогот за забраната вчера беше поднесена од премиерот Мансе Согаваре и министерот за комуникации, Петер Аговака. Сè уште не е познато кога ваквата забрана би стапила на сила или пак како власта планира законски да го спроведе планот.

Сепак, изговорот на Владата за забраната е дека Фејсбук води кон распаѓање на културното однесување – платформата се користи за напади на политички лидери, или пак за ширење штетна или опасна содржина.

Од опозицијата, пак, сметаат дека оваа владина одлука е под влијание на Кина. Во септември 2019 година, Соломоновите Острови го променија ставот и наместо признавање на Тајван развија дипломатски односи со Пекинг.

Опозицискиот член на парламентот, Петер Кенилореа Џуниор вели дека забраната на Фејсбук е „директен и бесрамен напад на слободата на изразување“ која е гарантирана со соломонскиот устав.

Социјалниот медиум Фејсбук е доста популарен на архипелагот и во моментов е примарно средство за комуникација од десетици илјади жители на земјата.

И самата Влада често го користи Фејсбук за да споделува информации со граѓаните, а тоа дури е и зачестено во текот на пандемијата со Ковид-19. Обраќањата на премиерот, исто така се пренесуваат преку оваа платформа.