Собранието едногласно ја разреши Катица Јанева од функцијата во СЈО

Едногласно, со 102 гласа „за“, Собранието изгласа разрешување на Катица Јанева од нејзината функција во Специјалното јавно обвинителство.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, соопшти дека Собранието на Република Северна Македонија предлогот за разрешување ќе го достави до Советот на јавни обвинители каде треба да биде свикана седница и да се потврди разрешувањето.

Сега Советот на јавни обвинители треба да свика седница на која треба да го потврди разрешувањето.

Претходно, на 5 септември, Комисијата за избори и именувања донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

Јанева беше избрана за Специјален јавен обвинител на 15 септември 2015 со 108 гласа „за” и нејзиниот мандат траеше до утре. Таа во моментов е во притвор како осомничена за случајот “Рекет”.

Од вчера Основното Јавно обвинителство на Северна Македонија ги презеде предметите од СЈО.