Со проекција на „Жалфија“ и „Чавела“ вечерва завршува осмото издание на „МакеДокс“

По шест ноќи исполнети со 66 филмски проекции на кратки и долгометражни документарни филмови во главната, студентската, детската и програмата на нови автори на две платна, но и со три работилници, пет разговори под смоквата и во преполното гнездо на „МакеДокс“, смото издание на фестивалот стигна до последната вечер, кога ќе бидат доделени наградите.

Осумте документарци во Главната програма на „МакеДокс“, со проекции во Куршумли-ан, се натпреваруваат за наградата „Кромид“ за која ќе одлучува жири во состав: Антон Калеја, Владимир Блажевски и Туе Стен Милер.

За наградата „Млад кромид“ за најдобар филм на млад автор ќе одлучува жири во состав Кристина Первила-Андерсон, Селин Мурат и Талал Дерки.

За наградата „Кокарче“ за најдобар студентски документарен филм ќе одлучуваат Ана Јакимска, Ненад Поповиќ и Филип Велковски.

Годинава, првпат на „МакеДокс“ ќе биде доделена и награда за краток документарен филм, насловена „Сечкан кромид“, а за наградата ќе одлучуваат Ања Медвед, Катарзина Гондек и Роберто Блат.

Сите филмови што се прикажани на „МакеДокс“ влегуваат во конкуренција за Наградата за етички идеи, за која ќе одлучува жири во состав: Анета Дучевска, Брина Вогелник и Вито Флакер.

Скулптурите што ќе бидат доделени како награди на последната вечер на фестивалот се дело на академскиот скулптор Примож Селишкар.

Последната вечер на 8. „МакеДокс“, покрај наградите, ќе донесе и проекција на краткиот документарен филм „Жалфија“ на Шон Стилер од САД и долгометражниот документарец „Чавела“ на Катерина Гунд и Дареша Кјуи од САД. Точка на фестивалот ќе стави концертот на секогаш проникливата, слатко – горка „Баклава“.

Осмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, МЕДИА – потпрограма на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон и Град Скопје.