Со омаж за Данило Коцевски денеска почнуваат „Денови на европско Скопје 2020“

По повод Денот на ослободувањењето на Скопје, Дирекцијата за култура и уметност по трет пат годинава ќе ја реализира мултимедијалната манифестација „Денови на евроско Скопје 2020“.

Oвогодинешната програма, во малку поразлични услови од претходните, започнува денес (30 октомври, петок), со почеток во 12 часот во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, каде ќе се одржи мултимедијален омаж за хроничарот на Скопје, Данило Коцевски.

Одломки од богатото творештво на Данило Коцевски ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Васко Марковски, Владимир Лукаш и Владимир Мартиновски.

Данило Коцевски има објавено триесетина дела од најразлични жанрови. Пишувал драми, од кои неколку се изведени и наградени. Сепак, неговото име се поврзува како хроничар на градот Скопје.

Коцевски беше автор на серијалот текстови „Скопски легенди“ во „Нова Македонија“, во кои беа објавени бројни приказни поврзани со историјата на Скопје, а во 2017 година Дирекцијата за култура и уметност со истиот наслов издаде книга која е една од трите изданија на Дирекцијата посветени на творештвото на Коцевски заедно со „Го сакам Скопје“ издадена во 2000 година и „Магијата на Скопје“ издадена во 1997 година.

„Тој е добитник на престижни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, а негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии. Првата книжевна творба ја објавил во весникот ‘Нова Македонија’ во 1962 година и оттогаш објавувал континуирано се до денес. Познат е пред се како книжевен критичар и теоретичар. Но пишувал и проза, поезија и драмски текстови. Објавил 26 книги од сите жанрови, како и неколку драмски текстови од кои некои се. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку јазици и застапени во неколку антологии. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот“, стои во најавата за настанот.

Во склоп на манифестацијата, на 5 ноември во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ ученици од основните и средните училишта ќе настапат со свои литературни творби по повод празникот на градот Скопје. Книжевно-поетското дружење ќе се одвива на европски и на балкански јазици со почеток во 12 часот.

Дирекцијата за култура и уметност во соработка со Канцеларијата на делегацијата на ЕУ во Скопје, на 20 ноевмри ќе доделат награди за најдобрите три авторски текстови изработени од новинарите и од студентите по новинарство во рамки на конкурсот „Мостовите на Скопје“.

Ќе се одржи и работилница насловена „Мостовите на Скопје“ со учениците од ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ под менторство на Љупчо Илиевски – фотограф, со додела награди за најдобрите три фотографии.

Исто така, ќе се одржи работилница со наслов „Мостовите на Скопје“ со учениците од средните училишта во Скопје, каде ментор ќе биде Александар Кондев – фотограф, вклучувајќи и додела награди за најдобрите три фотографии. Наградите ги доделува Градот Скопје.

„Денови на европско Скопје“ е под покровителство на Град Скопје и поддршка од Канцеларијата на Европската Унија.

Манифестацијата се одржува согласно протоколот за организација на настани во време на Ковид-19.