Со „Лица, места“ на Агнес Варда вечерва завршува „МакеДокс“

На последниот ден на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи панел-дискусија на тема „Улогата на филмот во деинституционализацијата“.

Во Музејот на современата уметност денеска од 14 до 16 часот ќе присуствуваат професорот по социјална работа од Словенија Вито Флакер, режисерот на филмот „Денови на лудило“ Дамијан Ненадиќ, режисерката на филмот „Причест“ Ана Замецка и авторките на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Наградите ќе бидат доделени вечер, во 20 часот, во Куршумли-ан. Статуетките на сите пет награди се дело на словенечкиот академски скулптор Примож Селишкар.

По церемонијата на доделување на наградите ќе бидат прикажани филмовите „Елегии за кодахромот“ на Џеј Розенблат, „Рагу Раи- Неврамен портрет“ на Авани Раи и филмот „Лица, места“ на 89-годишната Агнес Варда.

На платото пред Куршумли-ан во 20:30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Барут и сјај“ на Виктор Јаковлески.

Картите за проекциите може да се купат на самиот влез од Куршумли ан или преку веб-страницата Купи карти.

Повеќе за филмовите може да дознаете на следниот ЛИНК.