Со концертот „Север и југ“ на пијанистот Судбин ќе се промовира новиот „Стенвеј“ на Филхармонија

Во четврток, 10 мај, во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го одржи симфонискиот концерт „Север и југ“, на кој како солист ќе се претстави маестралниот руско/германски пијанист Евгениј Судбин!

Според „Телеграф“, Евгениј Судбин е „потенцијално еден од најголемите пијанисти на 21.век“, а според „Индипендент“, тој е „пијанист со невообичаена чувствителност и префинетост“.

Славниот пијанист, за македонската публика ќе го изведе популарниот Концерт за пијано и оркестар во а-мол од Едвард Григ.

Воедно, на овој концерт ќе биде промовирано новото концертно пијано од марката „Стенвеј“, кое како донација Македонската филхармонија го доби од компанијата „Strabag AG“.

Диригент на концертот е врвниот маестро Даниел Рајскин, а вечерта ќе бидат изведени уште три впечатливи дела – увертирата „Маскарада“ од Карл Нилсен, „Процесија до Росио“ од Хоакин Турина и свитата „Шпанска рапсодија“ од Морис Равел.

Евгениј Судбин е ексклузивен уметник за „БИС рекордс“ и неговите снимки добиваат високи признанија, вклучувајќи ги и „ЦД на месецот“ според магазинот „Би-Би- Си“ или „Избор на уредникот“ на „Грамофон“.
Неговото ЦД со дела од Скрјабин, на пример, беше прогласено за ЦД на годината од „Телеграф“ и ја доби наградата за најдобра солистичка снимка на саемот за музика МИДЕМ во Кан.