Со дружба против стереотипите – основците од Бутел ги детектираа проблемите во заедницата

Подобри велосипедски и пешачки патеки, повеќе канти и волонтерски акции за помалку ѓубре, но и помодерни детски игралишта, нови клупи, информативни табли со пораки за подобар живот во заедницата. Вакви беа барањата на основците од Општина Бутел, кои вчера се собраа во OОУ „Ацо Шопов“ за да научат што е тоа активизам, аргумент, но и што можат да направат за нивниот живот да стане подобар.

„Кај нас во зима се собираат сите и го чистат снегот“, вели една од ученичките присутни на предавањето. Друга дополнува „Летово бев во Грција, и таму имаше акција за собирање отпадоци, па се вклучив и помагав“.

На предавањето учествуваа триесетина основци од Бутел, од повисоките одделенија. Се организираше во рамки на проект за меѓуетничка интеграција, со цел на едно место да се соберат ученици кои следат настава на различен наставен јазик кои, додека учат нови работи, разговараа и за проблемите во нивната заедница.

Аниса Плакај, ученичка од ООУ „Живко Брајковски“, има само 14 години и веќе зборува осум јазици. Вели, ваквите предавања и се интересни, бидејќи има многу дискусии и дружба. Забележува дека постојат стереотипи меѓу различните етнички заедници во земјава, но дека младите мора да ги надминуваат.

„За да се разбереме, не е проблем јазикот. Еве, јас знам и македонски и албански, се разбираме. Постојат многу стереотипи, и кај едните и кај другите. Ама сепак, ние сме луѓе, не треба да веруваме на стеротипите. Ако едниот направи нешто (добро или лошо), не значи дека сите се такви. Треба да се почитуваме едни со други. Ако се интересираме за другите, и едноставно, ако си правиме муабет, така ќе се сакаме повеќе, и овие стеротипи ќе ги снема“, вели Аниса.

И нејзината врсничка Марија Џаковска, е задоволна што е дел од овој проект.

„Знаевме дека ќе работиме во групи, ќе правиме некакви изработки. Учевме како нашата околина да биде почиста и поубава, но и што може ние заедно да направиме“, објаснува Марија.

Ваквите дружења се важни за учениците, согласни се наставничките од „Панајот Гиновски“, Лимонка Танаскова Крстевска и Љуљета Биљали. Во нивното училиште наставата се следи на различен мајчин јазик, па оттука, велат, мора да се работи на зближување на децата.

„Мислам дека ваквите настани се добри бидејќи еве се дружат, јадат заедно, дискутираат на исти теми, ги делат мислењата. Мислам дека и тие во животот ќе видат дека нема разлика дали на пример некој е Албанец или Македонец. Сакам да научат прво меѓу себе да се почитуваат, а ако тоа го имаат, се ќе имаат, и ќе се дружат и ќе разговараат, па и ќе учат повеќе“, вели наставничката по математика, Биљали.

Нејзината колешка, Танаскова Крстевска пак забележува дека има дружба меѓу децата што учат на различен мајчин јазик, но недоволно. Дел од вината за ова ја лоцира во стереотипите и политиката.

„Сите тие стереотипи доаѓаат од дома, од родителите. Политиката, сакале да си признаеме ние или не, навлезена е во сите пори на општеството, за жал и во образованието. Не од нас наставниците, бидејќи ние се дружиме, се трудиме да им пренесеме дека политиката не е за во училиште. Но, во некои ситуации доаѓаат до израз работите кои се донесени од дома. Се трудам да им укажам дека сите сме исти, без разлика на тоа кој јазик го зборуваме, или која религија ја имаат, и дека треба да се дружат како што се дружеле и нивните родители“, вели наставничката.

Сара Кајевиќ, од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција за младите во образованието, појаснува дека се работи за петгодишна иницијатива чија главна цел е да ја подобри меѓуетничката кохезија кај основците и средношколците, да ги научи на граѓанските и демократски вредноти, но и на одговорностите.

„Учениците кои учат на различни наставни јазици, за жал, честопати немаат можност да имаат контакт меѓу себе, а тоа понекогаш доведува до создавање некаква погрешна слика за некој што е различен од нас. Она што проектот пробува да го направи, е да им даде можност на учениците да се запознаат, да се дружат и забавуваат врз основа на нивни заеднички интереси, при што фактот што имаат различна етничка позадина, или учат на различен наставен јазик, воопшто не е важен. Ефектите се големи, а само во првата година од проектот над 2300 ученици беа вклучени во активностите“, појаснува Кајевиќ.

Проектот на УСАИД го спроведуваат Младинскиот образовен форум и Македонскиот центар за граѓанско образование. Преку него, следните неколку години, треба да бидат вклучени училиштата од цела Македонија.

Барањата на учениците од Бутел, пак, ќе бидат испратени до градските татковци. Се надеваат дека ќе наидат на позитивни реакции и дека тоа што го бараат ќе биде исполнето.

Ј.Ј.