Со бокада на патот кон Попова Шапка тетовци протестираа за спас на зимскиот центар

Група подржувачи на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ дваесетина минути го блокираа патот, кај жичарницата во Тетово, кој води кон туристичкиот центар за да го искажат својот револт поради, како што рекоа, уништувањето на едно од најпознатите зимски рекреативни места во регионот.

Со протестот граѓаните изразија незадоволство од несовесноста и лошите политики кои ги уништуваат економските ресурси на Попова Шапка, а апелираа и на заборавените ветувања и најавени инвестиции од локалните и државни власти.

„Туристичкиот центар има капацитет за 110 километри скијачки патеки, но ние употребуваме само 12 километри од потенцијалот. Годишните економски показатели велат дека соседните туристички центри имаа милионски обрти, а Попова Шапка, со која управува ЕЛЕМ, има милионски загуби годишно, рече Амбди Сулејмани, од инивијативата.

Од иницијативата побараа одземање на Попова Шапка од ингеренциите на ЕЛЕМ и објавување меѓународен оглас за концесионер на зимскиот центар, изградба на жичарницата од Тетово до Попова Шапка и потребната придружна инфраструктура, изработка на детален урбанистички пат кој општинските власти со години го ветуваат, како и санкции за фирмите кои несоодветно ги вршат работите на зимскиот центар.