Сквотери во Лондон претворија луксузен имот на олигарх во засолниште за бездомници

Искусна група на сквотери, окупираа празна палата вредна 15 милиони фунти во централен Лондон, имот купен од руски олигарх во 2014 година и ја претворија во засолниште за бездомници.

Огромниот имот, со пет катови, бил купен од Андреј Гончаренко, малку познат олигарх кој последните години купувал голем број луксузни објекти во Лондон, објави Гардијан.

Сквотерите, Автономна нација на анархисти либертаријанци, познати под кратенката АНАЛ, велат дека влегле во објектот низ отворен прозорец на 23 јануари и засега сместиле околу 25 бездомници, од кои повеќето спиеле околу железничката станица Викторија.

„Криминално е тоа што има толку многу луѓе бездомници, додека истовремено толку многу објекти стојат празни. Нашата окупација ја потенцира неправдата“, објаснува 23-годишниот Том Фокс, еден од сквотерите.

Новата статистика за бројот на лица кои немаат место каде да преспијат во Англија, покажува зголемување од 16% во споредба со минатата година. Вкупно 4 илјади лица. Додека според новите владини податоци, повеќе од 200 илјади домови биле празни повеќе од шест месеци.

Фокс објаснува дека членовите на АНАЛ поставиле проектор за да се одржуваат вечерни филмски проекции, собираат храна за бездомниците и планираат да прават дискусии за бездомништвото и другите проблеми на овие луѓе. Имаат отворено и бесплатна продавница за облека.

„Имаме окупирано повеќе луксузни објекти во централен Лондон претходно. Има толку многу празни куќи како оваа“, раскажува Фокс.