„Skopje on ICE 2018“ на 23 и 24 февруари во „Борис Трајковски“

60 натпреварувачи, на возраст од 5 до 25 години, ќе бидат дел од вториот меѓународен и национален натпревар во уметничко лизгање, кој на 23 и 24 февруари ќе се одржи во СРЦ „Борис Трајковски“, во организација на спортскиот центар и Федерацијата за лизгачки спортови на Македонија.

Учесниците ќе бидат поделени во пет категории: кадети, кадети Б и Ц, млади јуниори, јуниори и сениори, а организаторите очекуваат гости од Србија, Грција, Бугарија, Хрватска и други земји.

Натпреварот ќе биде поделен во два дена. Во петок своите вештини на мразот ќе ги покажат учесниците во интерпретативните категории, додека саботата ќе биде посветена на натпреварувачките категории. Поканети се ISU квалификувани судии од Руската Федерација, Бугарија и Србија. За значењето на натпреварот говори и фактот што тој ќе се одвива по критериуми и правила стандардизирани од Меѓународната унија на уметничко лизгање (ISU).

Организаторите велат дека целта на настанот е да се популаризира уметничкото лизгање во Македонија и на тој начин да се поттикнат што е можно повеќе деца и млади да застанат на мразот и да почнат да се занимаваат со овој спорт. Но, секако и да се поттикнат младите спортисти кои овој спорт го тренираат веќе 7 години, во една здрава конкурента средина да ги остварат своите амбиции, а тоа е секако освојување на титулата Национален првак во уметничко лизгање.

Со цел натпреварот да биде достапен за сите кои сакаат да уживаат во уметноста на мразот во СРЦ „Борис Трајковски“, влезот и двата дена ќе биде слободен.