Сириската војна – 50 илјади бегалци од двете воени акции во Африн и Гута

Најмалку 50.000 луѓе последниве неколку дена ги напуштиле своите домови во двете одвоени офанзиви врз бунтовничките сили во северна и јужна Сирија, информираат активисти, пренесува ББЦ.

Околу 30 илјади луѓе го напуштиле градот Африн, каде турските воени сили и нивните сојузници вршат воени напади, додека уште 20 илјади жители избегале од Источна Гута, провинцијата на периферијата на Дамаск, каде офанзива вршат сириските владини сили.

Масовното иселување доаѓа седум години по почетокот на војната во која 12 милиони луѓе беа приморани да ги напуштија своите домови. Најмалку 6,1 милион од нив се внатрешно раселени, додека дополнителни 5,6 милиони ја напуштиле земјата.

Повеќе од 400.000 се верува дека се убиени или исчезнати, со претпоставка дека се мртви, по бунтот против претседателот на Сирија, Башар Ал Асад, кој започна во март 2011 година.

Што се случува на турската граница?

Градот Африн, населен претежно со етнички Курди е бомбардиран од воздух од турските воени сили и локалните сириски сојузници.

Според Сириската опсерваторија за човекови права, мониторинг група со седиште во Велика Британија, околу 30 илјади луѓе го напуштиле градот и околните села. Тие се упатиле кон селата кои се под власта на сириските владини сили.

Стотици други семејства избегале во текот на ноќта, додека бомбардирањето продолжило, соопштиле од организацијата, која додава дека 18 цивили загинале од турската офанзива.

Турскиот напад е насочен кон Единиците за заштита на Курдите, вооружени сили кои ги третираат како поврзани со курдските бунтовници на нивната територија.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави на собир во Анкара дека неговата земја нема да престане додека мисијата за заземање на Африн не биде успешно завршена.

„Европскиот Парламент очигледно ќе побара прекин на операцијата во Африн. Има една госпоѓа (Комесарката за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини) која е одговорна за проширувањето на ЕУ. Таа побарала такво нешто. Немојте да се надевате на тоа, ние нема да заминеме додека не ја завршиме работата. Треба да го знаете тоа“, рекол Ердоган.

Што се случува покрај Дамаск?

Според Опсерваторијата, вчера околу 20.000 жители ја напуштиле провинцијата Источна Гута, која е под контрола на бунтовничките сили, додека офанзивата на сириската влада продолжува.

Се верува дека провладините сили зазеле 70% од регионот под своја контрола по тринеделните интензивни борби против бунтовниците.

Истовремено, 25 камиони со хуманитарна помош стигнале до градот Дума во провинцијата, но Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопштил дека помошта е само мал дел од она што е неопходно за населението во овој регион.

Претседателот на Комитетот, Питер Маурер изјавил по посетата на регионот дека луѓето таму се исцрпени од војната и дека има недостиг на храна и лекови.

„Најверојатно ќе го запаметам момчето кое ми пријде на улиците во Источна Гута и кое ми побара мало шише со вода, илустрирајќи колку е таму ситуацијата очајна. Во други места во светот, кога доаѓам во вакви ситуации како во Источна Гута, обично се бараат некои дополнителни потреби. Овде работите се дојдени до најосновните нешта“, рекол Маурер.

Пораз на бунтовничкото упориште на периферијата на Дамаск ќе биде сметано за голема победа за претседателот Асад.

Кои се последните дипломатски напори?

Турција, Русија и Иран ги испратиле своите министри за надворешни работи во главниот град на Казахстан, Астана, за да подготват самит на лидери во Истанбул следниот месец.

Додека Турција се противи на претседателот Асад, Русија и Иран се најблиските сојузници на сирискиот лидер.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за разговорите во Казахстан изјавил дека се можност за да се донесе траен мир во Сирија, додавајќи дека „милиони Сиријци гледаат во правецот на Астана“.

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу побара прекин на огнот во Источна Гута, посочувајќи дека ситуацијата таму се движи кон катастрофа, пренесува Ројтерс.