Синдикатите најавија протест пред Влада на 17 јануари

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска најави дека на 17 јануари, во пет минути до 12 часот, ќе одржи јавен предупредувачки протест пред Владата на Република Македонија.

Одлуката е донесена на Конференцијата на КСС, како највисок орган меѓу два конгреса.

КСС бара да претстанат притисоците врз, како што велат, синдикалните претставници, да се пристапи кон усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањето на минималната плата, да почнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор и преговори за измена на Општиот колективен договор за јавниот сектор.

Од Синдикатот ја повикаа Владата најдоцна до 16 јануари да организира средба со синдикалните претставници со цел да се изнајдат заеднички решенија.

„Подготвени сме за отворен дијалог и дебата и да дојдеме до конечни заеднички решенија“, изјави вчера министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

„Имам состанок на 17 јануари со Синдикатот што се однесува на социјалната заштита при КСС. Треба да се разговара за сите аспекти, треба да се разгледаат колективните договори, специфично во социјалната заштита многу години не е разгледан овој колективен договор, и подготвени сме за отворен дијалог и дебата и да дојдеме до конечни заеднички решенија“, рече Царовска.