Петмина шведски пратеници поднесоа тужба против турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, обвинувајќи го за геноцид, кривични дела против човештвото и воени злостори.
Тужбата била поднесена кај шведскиот јавен обвинител, за улогата на Ердоган во крвавиот конфликт меѓу турските сили и курдските милитанти од 2015 година.
Ова е прва ваква тужба поднесена против шеф на држава, а во неа се спомнати и неколку турски министри и премиерот Бинали Јилдирим. Според пратениците, Ердоган може да се соочи и со затворска казна.
„Ние сме петмина пратеници кои предадоа жалба во која бараме казна за геноцид, криминали против човештвото и воен злостор“, вели пратеничката на Левичарската партија Аника Лилемец.
Во 2014 година во Шведска беше усвоен закон кој овозможува на државните судови да одлучуваат за било кој ваков случај.
„Секој, кој со цел целосно или делумно да уништи национална или етничка група на луѓе, е виновен за геноцид“, пишува во законот.
Шведскиот обвинител ќе одлучи дали да отпочне истрага основана на жалбата. Доколку одлучи да тужбата да биде правосилна, Ердоган би можел да се соочи со налог за апсење во Шведска.