Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од култура, граѓанско општество, активизам..

1. [Галерија] Петта Парада на гордоста во Скопје низ фотографии

Под мотото „Спектакуларно непослушни“ стотици граѓани денеска маршираа низ улиците на Скопје на петтата парада на гордоста, во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Маршот започна од паркот „Жена-борец“ во 19 часот со говор на една мајка на трансродова личност.

„Овде сме за да покажеме дека нема послушно да се повлечеме во четири ѕида и по петти пат храбро покажуваме дека припаѓаме во овој свет и по петти пат ги славиме нашите животи кои се вредни да ги живееме. Во целата еуфорија, од чувството да се биде слободен и автентичен во јавноста не можам а да не помислам на луѓето од нашата заедница кои не смееат да излезат и не можат да бидат тука за да бидат слободни. Додека се радувам кога ја гледам ќерка ми како го вее знамето на заедницата не можам а да не се сетам на сите тинејџери кои живеат во страв од своите родители или се соочуваат со отфрлање“, изјави мајката.

[Галерија] Петта Парада на гордоста во Скопје низ фотографии

 

2. [Фото] Светскиот ден на бегалците традиционално одбележан со пинг-понг дружба во Центарот за баратели на азил во Визбегово

По повод 20 јуни – Светскиот ден на бегалците, вчерашниот ден во Центарот за баратели на азил во Визбегово беше исполнет со забава, дружба, многу насмевки и пинг-понг турнир помеѓу бегалците, социјалните работници и партнерите од граѓанскиот сектор на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР). Таму поразговаравме со Габриел Гуалано де Годој, претставникот на УНХЦР во државата, кој ни раскажа повеќе за настанот, неговата цел, суштина и значење, но и за надежта која тој ја полага во младите да изградат подобар свет.

„Тука сме да им оддадеме признание на храброста и издржливоста на барателите на азил и бегалците ширум светот, но и овде во земјата. Ние се обидуваме да ги обновиме нивните животи во мир, безбедност и достоинство и овде во Северна Македонија“, истакна тој за Радио МОФ.

[Фото] Светскиот ден на бегалците традиционално одбележан со пинг-понг дружба во Центарот за баратели на азил во Визбегово

3. Пет години Парада на гордоста во Македонија – Што научивме, што понатаму?

Со доаѓањето на летото, оваа година во Скопје пристигнува и петтата Парада на гордоста – настан кој ја обединува ЛГБТИ+ заедницата и борците за човекови права на заеднички марш за славење на различноста и за промени во системот, кој ќе биде функционален и правичен, за сите. Петтиот јубилеј сведочи за растење на македонското општество, но и за низа попатни предизвици, а доаѓа по година разбранувана од анти-родови движења и во која македонските граѓани беа рангирани меѓу најхомофобичните и најксенофобичните од 24 европски земји. За дел од квир заедницата ваквата статистика е показател дека борбата за права мора да продолжи. Паралелно, дел од неа и натаму се чувствува небезбедно да излезе на улица, а дел смета дека се потребни порадикални случувања, за да има поголем ефект севкупната борба за слобода и еднаквост. Што значи пет години Парада и што научи македонското општество во овие пет години?

Пет години Парада на гордоста во Македонија – Што научивме, што понатаму?

4. ССМ: Минималната синдикална кошница за јуни изнесува повеќе од 60 илјади денари

Вредноста на минималната сидникална кошница за јуни изнесува 60.325 денари, соопшти денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Пресметката е под претпоставка за семејство од двајца родители и две деца, кои живеат во сопствен стан од околу 60 квадрати. Доколку семејството живее во изнајмен стан и мора да плаќа кирија, износот на кошничката би бил 75.700 денари.

Поделени по ставки, за трошоци за храна и пијалоци од минималната синдикална кошничка отпаѓаат 21.952 денари (36,4%), трошоците за образование изнесуваат 7.022 денари (11,6%), додека трошоците за транспорт се 4.871 денар (8.1%).

ССМ: Минималната синдикална кошница за јуни изнесува повеќе од 60 илјади денари

5. Поголемо вклучување на бегалците во општестевниот живот и остварување на нивните права се дел од пораките упатени по повод Светскиот ден на бегалците

Пораки за солидарност, поголемо вклучување на бегалците во општестевниот живот како и за остварување на нивните права и оваа година се упатија на 20 јуни – Светскиот ден на бегалците.

Според податоците на УНХЦР, во Македонија до април годинава биле поднесени 106 барања за азил додека во текот на 2023 година испратени биле 602 барања. Во моментов 9 лица имаат статус на супсидијарна заштита а 43 државјани на Украина имаат добиено привремена заштита.

Од УНХЦР велат дека најважно е бегалците да ги остварат своите социјалните права, а со тоа и да придонесуваат кон општеството и да се вклучат во образовниот процес на сите нивоа.

Поголемо вклучување на бегалците во општестевниот живот и остварување на нивните права се дел од пораките упатени по повод Светскиот ден на бегалците

 

Симона Паскоска